Дора Ружѓак-Подолски, режисерка и директорка на „Дубровнички летни игри“

Како една од најзначајните театарски режисерки во Хрватска, кои теми и проблеми ве интересираат најмногу?
– Не можам да кажам дека постои некоја одредена тема што ме опседнува или со која би сакала посебно да се занимавам априори. Имено, при одбирањето на театарските предлошки, најчесто им се препуштам на интуицијата и на оној внатрешен креативен поттик што најдобро знае што и како треба да се работи. Најпосле заслужив позиција што ми дозволува повнимателен избор на дела, веќе не сум слободна уметница што трча од проект во проект, туку настојувам да се занимавам одмерено со режисерската работа и да работам претстави што се возбудливи како што е возбудлив и самиот живот. Меѓутоа, општествено одговорните теми се секако дополнителна вредност во оваа работа и задача ни е во театарот свесно да проговориме за скокотливите прашања. Исто така, секогаш сум за ангажираниот театар, но не и нужно за активизам по секоја цена, но баш секогаш сето она што доаѓа од театарот треба да се однесува на нас. Понекогаш е доволно тоа да биде вистински генерирана емоција на која сме заборавиле, а понекогаш е потребно заедницата вистински да се протресе со тешки теми, поскоро табуа, да се проговори за сето она што се случува зад затворени врати.
Наскоро ќе почнете со пробите на драматизацијата на познатата збирка раскази „Мојот маж“ на Румена Бужаровска. Што ве поттикна да ја инсценирате оваа збирка, која веќе доби голем број преводи низ светот?
– Во расказите на Румена се вљубив уште во далечната 2018 година, кога ја добив збирката раскази „Мојот маж“ на подарок од една пријателка. Што е најубаво, уште тогаш ги видов големите театарски потенцијали во нејзината проза, меѓутоа со играта на околности никако не успеав да ја артикулирам таа своја вљубеност во расказите на Румена, сѐ до минатата пролет, кога во една случајна расправа за книжевноста го пронајдов мојот соговорник и уште еден вистински љубител на ова четиво. И одеднаш ми кликна – па, тоа треба да се направи во Загрепскиот театар на младите. Тоа е насловот по кој трагам. Имено, со директорката Снежана Абрамоиќ Милковиќ веќе имав договор за режија, но по малку запнавме во избирањето на „насловите“. И така сѐ дојде на своето место и случајностите повторно си го одработија своето. Инаку, Румена Бужаровска е сѐ попопуларна и во Хрватска, а нејзината проза ја карактеризираат обемната автентичност, горчливо-слатката духовитост и неверојатната дарба со која проговорува за најскриената женскост.
Сте пишувале и поезија, а едно време основавте и театарско здружение „Куфер“. Каде се наоѓате себеси во овие води?
– Јас сум првенствено режисерка. Потоа и професорка. Не сум писателка, освен што доста регуларно пишувам дневнички записи, но за некое конкретно занимавање со пишување, навистина, немам време. Ете, не се може сѐ. Најмалку уживам во продуцентската улога. Се надевам во поскоро време сосема да ја напуштам таа гранка.
Предавате глума на Академијата за драмски уметности. Дали можеме да очекуваме млади таленти и дали театарот е сѐ уште посакувана професија кај младите?
– Како професорка по глума многу научив за актерот – никогаш немаше да успеам да дознаам толку за тајните на актерскиот занает и умешност ако наедно не бев и личност што секојдневно доаѓа во допир со актерското битие. Секако, работата со студентите бара голема одговорност, одговорност од која јас не се плашам, но таа работа е исто така и пообемна инспирација што ги отвора патиштата на вистинскиот и автентичен театарски израз. Освен тоа, со студентите секогаш можете да дојдете до нови несекојдневни решенија, затоа што тие со својата младост и неоптовареност внесуваат нови кодови и нови правила. Театарот ќе живее вечно, без оглед на вртоглавиот технолошки развој, затоа што во театарот е впишан мимезисот, вроден на човечкиот род исто како и чувството на вид или слух.
Направете ни една кратка споредба со „Дубровничките летни игри“ во минатото и сега и кои се вашите идни планови со фестивалот?
– Ова е мојата последна, шеста година на игрите. На крајот на август ми истекува мандатот и палката ќе му ја предадам на некој друг уметник или уметница. Зад мене е цела една вртелешка од театарски и музички настани и ако се свртам објективно, со повеќето работи што сум ги направила заедно со моите соработници Саша Божиќ и Томислав Фачини сум задоволна. Што ќе се памети – програмите за развој на публиката, благодарение на кои на игрите привлековме голем број детска публика, кои еден ден ќе го прават корпусот на публиката на фестивалот. Исто така, со своите програми им се обраќавме и на загрозените групи. Освојувавме нови сценски простори, го вдишавме здивот на современоста на фестивалот, донесувавме релевантни претстави од регионот и Европа, го предводевме театарското наследство во современ контекст, учествувавме во голем број европски проекти. Она што е најважно – успеавме за време на ковид-кризата да го задржиме не само обемот туку и квалитетот на фестивалот, и тоа во периодот кога повеќето светски институции не беа во погон. Она што останува како прашање е подоброто финансирање на фестивалот во иднина, со оглед на тоа дека девалвацијата и инфлацијата се толкави што културата е навистина на последното место во проекциите на вложувањата во тој сектор. Се плашам дека ќе биде уште полошо. Своевремено, игрите биле тампон-зона меѓу Истокот и Западот. Така што велесилите се натпреварувале кои уметници ќе ги испратат на неутралниот југословенски терен. Исто така, тие беа и примерен фестивал на Југославија, па не се штеделе пари и вложувања за промоција. Сега се само најважниот хрватски и значаен регионален фестивал, а постои и простор за скалило погоре во културниот европски простор.
Вие не режирате само театарски текстови туку и опери, што ве привлекува повеќе?
– Тешко е да се каже. Можеби сепак за трошка, но само за трошка, повеќе го сакам драмскиот театар. Затоа што е попредизвикувачки и потежок за работа.
Конечно, прашање што се однесува на сите уметници: каде се наоѓа хрватскиот театар на европската и светската мапа?
– Мислам дека имаме свои коњи за трка и во европскиот контекст. Нам не ни недостигаат уметници – за тоа сведочат меѓународните успеси на Оливер Фрљиќ и во некое време и на Аница Томиќ, како и на Зринка Цвитешиќ и на другите. Но ни недостига промислена стратегија во пласманот на хрватските уметници и хрватскиот театар. Погледнете колку за промотивните културни стратегии одвојуваат Романија, Бугарија, Полска и Летонија. Промислувањето на театарот како бренд е новата иднина.

Сашо Огненовски