Илустрација: „Нова Македонија“

Државата, како и изминатите 70 и нешто години, треба да продолжи сама да си ги слави сопствените херои и важни датуми, со нужен пиетет и без никаква задршка како ќе биде сфатено тоа од другата страна на границата, без оглед за кој сосед станува збор. Македонскиот народ никогаш во историјата не посегнал по ничија земја, така што нема зошто да се воздржува во одбележувањето на славните датуми од своето минато, бидејќи тие се паметникот што го одржал жив низ вековите

Само една точка е важна за Софија од целиот Договор за пријателство и соработка

Избрзаното потпишување на Договорот за соработка и пријателство со Бугарија покажа дека тој е исполнет со еден куп замки во кои Македонија одново и одново паѓа, а тоа најдобро се потврдува со инсистирањето на Софија за заедничко чествување на сите поважни личности од македонската историја, преседан што има една и единствена цел – да ги разниша темелите на македонската државност и самобитноста на македонскиот народ.

Имено, ако Бугарија е постојано присутна на настаните на кои се одбележуваат важни датуми во земјава, тогаш извесно е дека со текот на времето ќе почне да се креира перцепција кај помладите генерации дека всушност македонската историја била целосно испреплетена со бугарската или дека дури е заедничка, што е клучната намера на официјална Софија, да прикаже дека станува збор за ист народ што низ времето споделувал иста историја и се залагал за исти идеали во една заедничка држава.
– Двете договорни страни ќе организираат со заемна согласност заеднички чествувања на заеднички историски настани и личности, насочени кон зајакнување на добрососедските односи во духот на европските вредности – се наведува во членот 8, алинеја 3 од Договорот со Бугарија, што всушност е клучната замка во која Македонија сè повеќе влегува и ја прифаќа како задолжителна обврска, иако никој не може да ѝ наложи на една суверена држава какви настани самата ќе организира на своја територија.

Македонија со пиетет и гордост да си ги чествува личностите и настаните

Токму бугарското инсистирање за заедничко чествување на поважните датуми и личности поврзани со македонската историја последните години предизвикува тензии пред секој настан, бидејќи тој, наместо славење на ликот и делото на оние што ги дале животите за слободата на Македонија, се претвора во бугарски пир на кој се омаловажува македонската држава и се негираат македонскиот народ и целата негова слободарска идеја.
Државата, како и изминатите 70 и нешто години, треба да продолжи сама да си ги слави сопствените херои и важни датуми, со нужен пиетет и без никаква задршка како ќе биде сфатено тоа од другата страна на границата, без оглед за кој сосед станува збор. Македонскиот народ никогаш во историјата не посегнал по ничија земја, така што нема зошто да се воздржува во одбележувањето на славните датуми од своето минато, бидејќи тие се паметникот што го одржал жив низ вековите.
Исклучително важно е нашите чествувања да останат во духот на нашата историска мисла и нарација, бидејќи врз историјата што ние ја негуваме градиме генерации што ќе живеат со македонската идеја и кауза и во годините што следуваат.
Секако, ставот за посебно чествување не значи дека треба некому да му се забрани да го слави делото на Кирил и Методиј, Климент и Наум или во крајна линија Гоце Делчев, туку, напротив, сите може да ги слават на свој начин во својата земја, онака како што тие го доживуваат нивното дело, но притоа да не го негираат и омаловажуваат оној што има поинакво толкување на историјата од нив. Тоа значи дека секој бугарски граѓанин е добредојден да учествува на македонските чествувања на важни личности и датуми секаде низ Македонија, но само ако го почитува историскиот наратив што се негува тука.
Историчарот Тодор Чепреганов смета дека грешката со заедничките чествувања е направена во моментот кога се потпиша Договорот за пријателство и соработка, од кој за Бугарија е важен само делот за заеднички чествувања на заеднички историски настани и личности.

– Заедничкото чествување е ставено во договорот со единствена цел, да се покаже дека имаме заедничка историја и дека сме еден народ. Тоа е целата играрија. Бугарите се држат само до таа точка, заедничка историја, дека ние сме еден народ. Тоа е апсурдот на договорот. Тие кога доаѓаат тука не доаѓаат да му оддадат почит на Гоце Делчев како Македонец, туку доаѓаат да му оддадат почит како Бугарин и тука имаме две работи што се важни: дали нашите кога одат на гробот на Гоце Делчев заедно со Бугарите го чествуваат како човек што се борел за самостојна независна македонска држава или како човек што се борел за санстефанска Бугарија? Тоа се две спротивставени опции што со овие чествувања нашите треба да ги покажат. Како ќе се обрати Бугаринот на гробот на Гоце Делчев, како бугарски херој, а ни доаѓа во Македонија? Оваа Македонија треба да му оддаде почит на Гоце Делчев како борец за македонска независност и слобода, а не да му оддаде почит на Гоце Делчев како Бугарин што се борел за обединување на двата народа – вели Чепреганов.
Според него, ние нема потреба ништо заедничко да чествуваме заедно со Бугарите и датумите можеме и треба сами да си ги одбележуваме.
– Зошто мора да чествуваме заеднички со Бугарите? Секого што го сметаат за херој, нека си го чествуваат како што сакаат во Бугарија. Ние ќе си го чествуваме како што сакаме во Македонија. Македонците од Пиринска Македонија си го чествуваат Гоце Делчев како македонски револуционер – истакнува Чепреганов.
За него клучно прашање е зошто Бугарите дури сега се сетија на Гоце Делчев и на некои други датуми важни за македонската историја, а повеќе од седум децении не ги споменале.
– Прашање е зошто во меморијата на Бугарите дури сега се враќа Гоце Делчев, кога никогаш не го славеле. Ако во нивната колективна меморија Гоце Делчев претставуваше некој значаен револуционер, немаше да го држат во просториите на илинденската организација до 1945 година. Немаше ни да ги дадат посмртните останки ако го чувствуваа како бугарски херој. Меѓутоа, Гоце Делчев цело време беше кај Македонците, не кај Бугарите. Тие немаат никаква врска со Делчев, воопшто и не го споменувале – потенцира Чепреганов.
Тој нема никакви дилеми дека заедничкото чествување е само за да покажат дека сме еден народ.
– Ако Гоце Делчев го славиме заеднички, сите други револуционери ќе бидат Бугари. Гоце Делчев е таа црвена линија од која ако се повлечеме, тогаш сите наши револуционери ќе станат Бугари и Бугарите ќе го преземат револуционерното движење како нивно. Тоа е нивната главна интенција на овие заеднички чествувања и затоа инсистираат на нив – заклучува историчарот Чепреганов.

Момент за демонстрација на институционална зрелост

И не само што заедничкото чествување личности и настани стана практика последните години, сега Бугарија се обидува и институционално да ја преземе контролата врз ваквите настани.
Имено, по инцидентот во Охрид и брзата несразмерна реакција на бугарската дипломатија, Софија почна да креира перцепција, пред сè пред Европа, дека македонските институции не си ја завршиле добро работата околу заштитата на безбедноста на граѓаните со бугарска самосвест во Македонија.
Во пресрет на 4 февруари, годишнината од раѓањето на македонскиот револуционер и идеолог Гоце Делчев, бугарските власти, користејќи ги разните бугарски фондации и здруженија тука, во Македонија, повторно почнаа да креираат наелектризирана атмосфера само за да се добие впечаток дека македонските институции не можат сами да се справат со потенцијалниот безбедносен предизвик и дека е потребна институционална асистенција од соседна Бугарија за да се „смират“ разгорените страсти меѓу двата народа.
Тука треба да се бара причината за посетата на бугарскиот министер за внатрешни работи Иван Демерџиев на македонското МВР, со кое договарале заедничка координација во пресрет на саботното одбележување на роденденот на Гоце Делчев во Скопје.
– Ќе преземам мерки за луѓето што ќе дојдат на чествувањето. Во никој случај нема да дозволам да бидат предизвикани провокации и да дојде до несакани настани. Постигнавме согласност дека сè ќе биде во најдобар можен ред, а не да дозволиме некои луѓе и закани да го распалат огнот – порача Демерџиев.
Сето ова е во ред доколку мерките што ги најави бугарскиот министер бидат преземени во Бугарија, односно ако бугарските власти на нивна територија спречат во Македонија да влезат луѓе што имаат цел да провоцираат и да предизвикуваат инциденти.
Но доколку Демерџиев преземањето мерки и спречувањето провокации мисли да ги прави на македонска територија, тогаш дефинитивно излегува надвор од секакво дипломатско однесување и директно се меша во внатрешните работи на една суверена земја.

Единствени задолжени за редот и безбедноста на сите граѓани на целата територија на Македонија се македонските безбедносни сили, кои треба да обезбедат владеење на правото и доследно почитување на законите, Уставот и територијалниот интегритет на државата. Македонските институции се единствените што можат да преземаат нешто и да спречуваат провокации, односно да бидат гарантот дека функционира државата.
Доколку министер на соседна држава треба среде Скопје да презема мерки и да спречува провокации, тогаш дефинитивно по заедничкото чествување на заеднички личности и датуми, ќе почне и заедничко институционално функционирање, што не е ништо друго туку губење на суверенитетот на македонската држава.
Институциите се државата, ако тие не можат да ја вршат самостојно својата функција, тогаш нема ниту држава и тогаш странски министри ќе се мешаат во нашите внатрешни работи.
– Во Македонија одговорна за почитување на законите и заштита на суверенитетот е македонската полиција и таа треба да спречи секакви провокации. Бугарската полиција може само да достави информации до нашата полиција за одредени лица од Бугарија што би можеле да влезат во земјава и намерно да предизвикаат инциденти. Во таа насока добри се средбата и координацијата меѓу двајцата министри, но, во секој случај, сè друго е работа на нашите институции – констатира Ивица Боцевски, аналитичар.