Новогодишен концерт на оркестарот под покровителство на „Охридско лето“ ќе се одржи на 16 декември, со почеток од 20 часот, во салата „Билјана“, во хотелот „Метропол“ во Охрид. Под диригенската палка на Бисера Чадловска ќе бидат изведени дела на Штраус, Брамс, Калман…
Мешаниот камерен состав под покровителство на НУ „Охридско лето“ за првпат ќе приреди одбрани класични композиции, кои ќе го збогатат новогодишниот амбиент за охридската публика за несекојдневно уживање. Од „Охридско лето“ велат дека ваквата новина, со проширување на програмата и надвор од традиционалната рамка, 12 јули – 20 август, е на радост на публиката.
Според директорката на фестивалот, Наташа Поповиќ, „Охридско лето“ како најголема и најзначајна музичко-сценска манифестација кај нас создава можности за уживање на љубителите на врвната уметност преку настани, кои, пред сѐ, ја збогатуваат културната понуда на градот во текот на целата година.
– Реализирањето настани во текот на цела година, едно вакво континуирано дејствување со програмски содржини, се покажа како потреба. Со тоа успеваме да ја збогатиме културната понуда на градот, но исто така ги реализираме зацртаните цели, фестивалот да ја прошири фестивалската програма и во текот на целата година – вели Поповиќ.