Официјална Софија не избира начини како да дојде до поставената цел, вклучувајќи ја и Македонија да ги направи уставните измени. Бугарија ќе воведе многу нови елементи што подоцна ќе ги користи како т.н. варијабли во преговарачкиот процес со кои ќе попушта и(ли) ќе ги употреби како алатка за уцена, за да бара одредени „концесии“ за себе и да си ги оствари своите интереси. Непринципиелно, дури и расипано од нејзина страна, но тоа ѝ успева. Нејасно е како Европа останува слепа на бугарските интриги или, пак, намерно се прави слепа

Расипани, но итро ефикасни политики на Бугарија го реанимираа непристојниот атрибут по кој Европа беше препознатлива

Уцената останува главната алатка со која официјална Софија се обидува да ги оствари своите стратегиски цели, а тоа најдобро го почувствува на своја кожа токму Македонија, која неколку години е заложник на бугарските уценувачки политики и не може да ги започне пристапните преговори со Европската Унија токму поради противењето на Бугарија.
Официјална Софија ја искористи блокадата на земјава за да го наметне својот анахрон став во поглед на македонскиот идентитет, јазик и историја како официјална европска преговарачка рамка, па бугарската уцена прекуноќ се претвори во европско барање за промена на Уставот, кое нема никаква врска со копенхашките критериуми, но сепак помина.
Најдобра потврда дека уцената е вообичаен начин на однесување на Бугарија за остварување на сопствените цели беше и неодамнешното еднострано воведување такса за транзит на рускиот гас, со што на Македонија, Србија и на Унгарија им беше наметната дополнителна давачка спротивно на сите пазарни принципи и на однапред склучените договори.
Сега, во пресрет на декемврискиот совет на ЕУ, Бугарија најавува дека ќе ја стави одлуката за дополнителна такса за транзит на гасот во мирување ако ѝ биде дозволено да влезе во шенген-зоната, користејќи ја нелегалната одлука за сопствена бенефиција на штета на другите.
Сето ова говори дека официјална Софија не избира начини како да дојде до поставената цел и затоа, дури и Македонија да ги направи уставните измени, во текот на преговарачкиот процес на земјава Бугарија ќе воведе многу нови „такси“, кои подоцна ќе ги користи како алатка за уцена. Нејасно е како Европа останува слепа на бугарските интриги или, пак, намерно се прави слепа.

– Работиме заедно со Европската комисија и кога ЕК ќе ни даде целосен механизам тогаш ќе го примениме повторно, ако успееме да најдеме таков механизам. Ќе го следиме заедничкиот европски пристап. Оваа такса не треба да биде еднострана од страна од Бугарија. Треба да се работи со ЕК, така што заедно со сите европски земји тој вид такси може да бидат наметнати на начин на кој ќе имаат реален ефект и врз економијата на Руската Федерација – изјави Кирил Петков, копретседател на владејачката Продолжуваме со промените.
Од неговата изјава може јасно да се види дека Бугарија знаела дека нема да постигне ништо со наметнувањето дополнителни такси за Македонија, Србија и за Унгарија, но сепак ги вовела. Причините се повеќе од јасни, да се користат како скриен адут за Бугарите да се пазарат за влез во шенген-зоната.
– Бидејќи сме доста, доста блиску до Шенген и секакви варијанти тоа на некаков начин да нѐ сопне во последен момент, како што е оваа такса, јас и колегите решивме вака да пристапиме – признава поранешниот бугарски премиер Бојко Борисов.
На впечатокот дека е уцената со таксата за гас е стратегиски смислена се надоврзува и медиумот „Капитал“, кој оценува: „И покрај спроведувањето на мерката, со неа досега не беше собрано апсолутно ништо, што ја докажува и неможноста за таква иницијатива и дека уште во почетокот можеби било замислено сценарио за Шенген“!
Иако изгледа како „вообичаена практика“ на трговија со интереси во ЕУ, сепак за декларативно поставените принципи на фер конкурентност во Унијата, оваа „итрина“ на Бугарија претставува нивно флагрантно манипулирање. Поедноставно прашано: Дали со оваа игра со таксата Бугарија потврдува дека безобѕирно и со уцени ги остварува своите стратегиски цели? Што е уште поважно, дали ЕУ сака да го види тоа, како и дека блокадата што Бугарија ѝ ја прави на Македонија во евроинтеграциите е истиот бугарски манир на уцени, но со поамбициозни националистички намери – за остварување на вековните стремежи за асимилација на Македонија?

– Не е ништо ново дека бугарската политика не се стеснува да работи „на ситно“ и дека од секоја можност настојува да профитира. Сега смислиле дека преку уцена со таксата за гасот ќе стигнат до некакво приближување до Шенген. Но сепак главната цел, за чие остварување ја гледаат и користат ЕУ како добра можност е промена на приказната во Европа за Македонија и Македонците дека се всушност дел од бугарската приказна. Не е дека Брисел не го гледа тоа. Со премолчан благослов на Брисел се случија и се случуваат сите уцени на Софија и претходно на Атина. Сепак, од нашиот, македонскиот естаблишмент зависи резултатот од таквите политики на уцени што се применуваат врз Македонија и Македонците. За жал, резултатите во последниве години се чини дека се погубни за македонскиот идентитет и државност. Актуелниот македонски естаблишмент, прифаќајќи ги уцените, направив од готово-вересија со Македонија и државата. Но колкави и да се настојувањата со интриги и уцени, со асимилација да се затворат македонските работи – тие немаат почеток и крај. Така ќе биде сѐ додека ние како Македонци не го затвориме македонското прашање со враќање на стабилноста на државата и државотворноста на македонскиот народ – вели Тодор Петров, претседател на Светскиот македонски конгрес.