По годинешното летно издание на фестивалот на музички документарци „Скопје синема сити“, јулската програма на Кинотеката продолжува со проекции на филмовите од програмата на фестивалот на нов европски филм „Синедејс“. На репертоарот се неколку нови остварувања од европските кинематографии, како и четири наслови на еден од најзначајните автори на германската и европската кинематографија во овој век, Фатих Акин. „На работ на рајот“, „Од никаде“ и „Душевна кујна“ се насловите на овој мајстор на човековата драма, кои скопската публика ќе може да ги види под отворено небо во летното кино.
Средината на јули е резервирана за новото издание на фестивалот на електронска музика, визуелни уметности и нови медиуми „Десонаназ“. Јулската програма на Кинотеката го содржи и уникатниот француски документарен филм „Кадифена кралица“, снимен на Тибет, чии автори трагаат по реткото животно и смислата на денешниот живот, а на програмата е и кинеската акциона драма „Планина на смртта“.
Францускиот филм „Титан“ во режија на Жулија Дукурно е од оние наслови што не треба да се пропуштат. Победата на минатогодишниот Кански фестивал, но многу повеќе контроверзиите што ги предизвикува, го прават „Титан“ филм што ги бранува духот и вкусовите на филмофилите.

„Сѐ помина добро“ на Франсоа Озон е уште еден нов бисер на актуелната француска кинематографија: семејната драма со ѕвездената актерска екипа предводена од Софи Марсо го третира контроверзното прашање за евтаназијата како спас. Австриско-германската копродукција „Голема слобода“ на режисерот Себастијан Мајзе го осветлува криминализирањето на машката хомосексуалност во Германија долго век и половина, кое опстојувало во неколку дијаметрално различни општествено-идеолошки уредувања, од феудализмот преку нацизмот, до современата демократија.
– Уште еден наградуван германски филм е на јулската програма. Станува збор за „Фабијан“ во режија на Доминик Граф, чија сторија го осветлува Берлин во почетокот на 1930-тите години. Францускиот филм „Париз – љубовна приказна“ на режисерот Жак Одијар е необично црно-бело остварување за сексуалноста како бегство од сето она што го задушува модерното општество. На таа критичка линија се наоѓа и „Со среќа дупење или улаво порно“ на Раду Јуде, па го повторуваме овој романски филм на репертоарот на Кинотеката. На јулската програма е и „Меморија“, филм во режија на уникатниот тајландски автор Апичатпонг Верасетакул, кој раскажува мистериозна сторија за Шкотланѓанка во Колумбија – најавуваат од Кинотеката.