Меѓународниот фестивал на европски филм „Синедејс“, кој годинава се одржува по 21. пат, од 7. до 14. овој месец, ќе прикаже повеќе од 50 филма. Под слоганот „Од високо подобро се гледа“, програмата во Скопје ќе се одвива на покривот на ГТЦ, на покривот на Домот на градежниците, Музејот на современата уметност, Автокиното на Водно, во МКЦ-паркот, во киното „Милениум“, Кинотеката.
– Околностите изминативе три изданија на фестивалот нѐ принудија да го извадиме платното од неговата предвидлива позиција, да го истражиме градот и годинава ќе видиме како изгледа кино од високо, кино на покрив како симболика на нашите фестивалски големи и високи амбиции, со кои правиме програма што често ги надминува човечките и финансиските капацитети. Изборот ни се покривите што може да соберат доволно публика за филмско прикажување и каде што пред и по филмот ќе се ужива во панорамата на Скопје – вели Марга Арсова, програмска уредничка на фестивалот.
Отворањето и затворањето се во знакот на македонските режисерски имиња. Филмот „Мими“ на Даријан Пејовски ќе ја има својата светска премиера утревечер, на отворањето на фестивалот, а затворањето на фестивалот е со „Нема да си сама“ на Горан Столевски, кој го сврте вниманието на светската филмска јавност по премиерата на „Санденс“.

– Во рамките на фестивалот го лансираме и новиот фестивал на кратки жанровски филмови „Крацери“, кој се јави како потреба за прикажување кратки жанровски филмови, досега незастапени на ниту еден фестивал кај нас. Тој ќе ги опфаќа жанровите комедија, научна фантастика, трилер, хорор, еротика, ноар, вестерн, експериментален, ангажиран филм и преку него ќе се направи увид во светската кратка жанровска програма – истакна Арсова.
Во рамките на годинашната програма, мастерклас ќе има Џон Џост, еден од најплодните и најзначајни американски филмски автори. На „Синема форумот“ киноприкажувачите од Балканот ќе дискутираат за своите актуелни предизвици, покрај размената на искуства и знаења што произлегуваат од контекстите каде што тие работат. Годинашното издание ќе има и изложба на костимографијата на филмските платна од 1960-тите до 2000-тите, насловена „Лошите девојки од филмовите“. Предвидена е и изложбата „Филмскиот плакат како визуелна гозба и информативна нарација“, со која се дава на увид приказната за создавањето на фестивалот. Плакатите се од депото на МКЦ.