Филмот „М“ на Вардан Тозија го отвора, а „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветановски го затвора меѓународниот филмски фестивал, единствен домашен фестивал акредитиран од ФИАПФ

Годинашното 22. издание на „Синедејс“ е закажано за 13-18 јули. Фестивалот се отвора со македонска премиера. Станува збор за играниот филм „М“ на Вардан Тозија, кој беше презентиран на годинашното 73. издание на Берлинскиот филмски фестивал. Под годинешниот слоган „Муви најт“, летните скопски филмски вечери ќе се одржуваат во паркот зад Младинскиот културен центар, киното „Фросина“ и во летното кино на отворено во Кинотеката.

– Две децении „Синедејс“ го гради угледот на квалитетен меѓународен филмски фестивал, единствен домашен фестивал акредитиран од ФИАПФ, но годинава со исклучително намален буџет. Сепак, професионалноста и ентузијазмот на тимот на МКЦ направи одлична програма со која не отстапува од своите големи и високи фестивалски амбиции, програма што ќе го направи и овој „Синедејс“ ремек-дело со филмска програма, која повторно директно ја увезуваме од Кан, како први од сите фестивали во Европа“ – истакнува Маргарита Арсова, програмска координаторка на „Синедејс“.

Почетокот на фестивалот е планирано да биде во знакот на македонските творци и нивните филмови. Традиционално и зад селекцијата на годинешната програма со својот уметнички габарит стои Бернд Будер, и во неа е предвидено да бидат прикажани светски и македонски филмови и копродукции што „гравитираат“ во неколку нови и веќе познати целини, како што се Официјална селекција, СЕЕ-програма, МК шортс (кратки филмови). Мнозинството со нагласено внимание ќе ја чекаат и Гала-програмата.

– Филмот „М“ е дистописка приказна за осумгодишниот Марко, кој живее со верување за заштитничките моќи на својата магична шума, не знаејќи за постоењето на светот надвор од неа. И покрај контролата на неговиот строг татко, детската љубопитност го води до преминување на границите – вели режисерот Тозија.

Филмот е снимен пред три години, но поради многубројните предизвици, дури сега се случува неговата премиера. Сценариото е потпишано од Вардан Тозија и Даријан Пејовски, кинематографер е Влатко Самоиловски, сценографијата е на Кирил Спасески-Кикич, костимите се на Андреа Кустовиќ и Николина Костаншек.
Затворањето на фестивалот е повторно со македонска премиера, филмот „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветановски.

– Ќе имаме одлична програма, со оглед на тоа колку ни е лимитиран буџетот. Повторно со фестивалски наслови во Гала-програмата, Официјалната и во СЕЕ-програмата во која ќе имаме наслови од дебитанти – европски режисери под селекција на Бернд Будер, потоа мастеркласови и работилници за филм за најмладите – велат организаторите.

Ретроспективата на филмовите е посветена на Дејвид Боуви како актер.
– Она што е обединувачко за ова издание на фестивалот е компакната програма во која ќе погледнеме наслови на Вим Вендерс, Кен Лоуч, Нани Морети, Аки Каурисмаки, Франсоа Озон, Александар Сокуров… Новиот филм на Горан Столевски, а имаме и пет премиери на македонски кратки филмови. Поради буџетските рестрикции, програмата е тесно селектирана на сметка на квантитетот за да извадиме што подобар квалитет – истакна Арсова. В.Д.