Кон изложбата „Скопски урбани приказни: Во пет и седумнаесет“

Длумовата изложба „Скопски урбани приказни: Во пет и седумнаесет“, по повод стогодишнината од раѓањето на Ацо Шопов и шеесетгодишнината од скопскиот земјотрес, е организирана во рамките на 44. издание на фестивалот „Скопско лето“, како обид одново да се ангажира градската слика, односно просторот на градот во кој постепено исчезнуваат императивите за вкрстување и испреплетување на живеаните наративи и уметноста.

Застапени се ликовни творби на уметници од постземјотресните генерации, чијашто меморија за скопскиот земјотрес е можеби посредна или, пак, ѝ припаѓа на историската меморија на/за овој град. Избраните локации (Културно-информативниот центар, галеријата „Грал“, Францускиот институт, кафеаната „Пелистер“, улицата „На липите“) се дел од претпоставената траекторија на движење, со цел анимираност на естетското восприемање на уметноста, на места и во простори со минимална податливост за таквата намена и кои, веројатно, контекстуално обмислено ги понадворешнуваат вообичаените институционални и системски излагања. Концепцијата за изложбата покажува еден поинаков пристап, поаѓалиште што не ја зазема позицијата на континуирано рециклирање и експлоатирање на поимот „солидаризирање“ околу „концептот на солидарноста“, како претпоставена иманентност на поединечни институции по ова прашање, актуализација којашто се чини дека можеби само на традиционален начин ја третира и самата „идеја за солидарноста“, воспоставена многу одамна, пред шест декади. Во овој контекст, солидарноста е претпоставена како аспект на континуум, на сообразување на уметникот како „општествено битие“ и скопската катастрофа како „општествен факт“. Концептот е креативно поттикнувачки, концептуално ангажиран и значенски антиципативен, па како таков се обидува да воспостави продолжение на рефлексивниот гест на уметниците што го преживеале разурнувањето и постериорно го евидентирале преку различни ликовни творби.

Наративот за „Скопските урбани приказни: Во пет и седумнаесет“ произлегува од обидот да се воспостави дијалошка форма помеѓу книжевното дело и ликовната уметност, како своевидна адаптација на ликовните аспекти на уметничкото дело според содржинската и контекстуалната компонента на уметничкото творештво, чиешто изразно средство е зборот, јазикот – книжевноста. Појдовната точка на кураторскиот концепт на Дијана Томиќ-Радевска е прозниот текст „Во пет и седумнаесет“, на еден од основоположниците на современата македонска поезија и книжевност – Ацо Шопов, објавен во списанието „Современост“ во 1963 година. Употребувајќи метафорични средства, Шопов ги опишува „кулите на човечноста“, „улиците на љубовта“, „домовите на сочувство“, за кои запишува дека „не се плод на трогателната поетска фантазија“, но затоа пак го слуша гласот на човекот „излезен од урнатините“, кој повикува да се изнајдат „нови зборови за поимите на разбирањето и љубовта, помошта и братството, единството на човечките интереси, животот без страв и катастрофи“. Преобразбите во поетиката кај Шопов се отелотворени преку структуралната логика на текстот, како јазична артикулација, на моменти експресивно изразена, метафорично и симболично пренесено внатрешно чувство на авторот, опишано како умирање на „стариот“, и „раѓање на новиот град“, идентификуван со „човекот“.

Како и секој изразен јазик или јазик-говор (ликовен или лингвистички) уметникот трага по сопствената причина за формално соопштување на темата, во зависност од тоа колку го чувствува или, пак, го препознава повикот, но и од квантитетот на тоа чувство, вградено или, пак, редуцирано во поетиката на ликовниот говор. Уметниците на оваа изложба покажуваат различен степен на ангажираност во однос на зададената тема, определувајќи ја структурата на уметничкото дело, која ги следи иницијалните императиви на различните авторски пристапи. Во таа разноликост се воочуваат контекстуална употреба на ликовниот јазик (Кристијан Јовановски), семантизација на ликовниот гест (Жанета Вангели), густина на фигуралниот израз (Нина Гештаковска Цветковска), репрезентативна поетика преку апстрактното и суптилноста на асоцијативното (Маја Стефановска), просторна и објектна перформативност (Борче Богоевски), кодирање преку минималистичкиот израз (Марија Сотировска), евидентирање и интерпретација на темата (Ѓорѓе Јовановиќ, Душан Стефановски, Стефан Јакимовски).

Веристичката компонента на ликовноста според зададената тема се согледува преку референцијалноста, која влегува во дијалог со ликовниот јазик (Вана Урошевиќ), директно или индиректно ликовно соопштување (Тања Таневска, Соња Димовска, Драганчо Таневски), некаде е знак (Дејан Иванов, Татјана Ристовска), некаде е трага (Ѓорѓи Динев), кај некои уметници темата е пасивно асимилирана (Маја Кировска), кај други предност има авторскиот глас артикулиран преку конвергентноста и интермедијалноста на визуелното и зборовите (Славица Јанашлиева), кај трети уметникот критички артикулира во однос на рецентните состојби (Игор Сековски), додека дел од уметниците трагаат по значењата барајќи ја нивната смисла во документарната поетика (Роберт Јанкулоски и Моника Мотеска, Марина Лешкова).

Пристапот кон избраната историска тематика е сложен за обработка од временско растојание, особено поради фактот што застапените уметници, или барем дел од нив, ја живееле мемориската слика за градот, но не и самиот настан – земјотресот во 1963 година. Токму затоа, од особена важност за поврзување со живеаното искуство се архивскиот материјал и документарните искази на неколку личности (Стефан Сидовски, Тања Урошевиќ, Влада Урошевиќ, Жарко Јакимовски, Христина Бартлинг, Владимир Георгиевски) опфатени во делото „Преживеани спомени“ (2014/2023), видеоинсталација на Роберт Јанкулоски и Моника Мотеска.

Дигиталниот видеополиптих е конституиран од сопоставени наративи во прво лице, како ликовно-динамична предлошка, која му го привлекува вниманието на гледачот, според наизменични сликовни и акустични влезови. Патувајќи низ сеќавањата, секој од интервјуираните личности (портретирани ликови во ова дело) воведува по некој реален сегмент (предмет, фотографија…) од сопствената меморија, со што се комплетира и чинот на поврзаност со минатоста извлечена од субјективните искуства, но и со другите споменати, затекнати и случајно евидентирани животни приказни во скопскиот земјотрес.

Уметноста во општествениот домен е претпоставена како комуникативен, инклузивен и интерактивен модел, со што и толкувањето на текстот на Шопов, преку знаковен јазик (ОУ „Партенија Зографски“) се воспоставува како еден од можните начини за поширока достапност на уметноста и ангажираност на публиката.

Не се сите длумови изложби еднакво аналитички конципирани. Имајќи го предвид историјатот на изложбите на ДЛУМ, како и рецентните обиди да се постават некои теми на рамниште на релевантност, Друштвото на ликовните уметници бавно излегува од воспоставените интерциркуларни односи помеѓу уметниците членови, уметниците и институциите или, пак, длумовата институција и другите институции, чиишто простори често ги користи за остварување изложбени цели, конечно во очекување за располагање со сопствен простор. Покрај мноштвото фактори, ова веројатно се должи и на поединечните заложби, кураторски потенцијали и способности, да се организира и да се спроведе еден проектен концепт што би поставил тематска рамка, втемелена во јасно конципиран референтен однос со постојните уметнички вредности, методологија што веројатно е (под)заборавена при повеќето обиди да се формулираат „поголеми“ институционални наративи. Во таа слика, покрај редовните излагачи на длумовите изложби, застапени се и некои авторски имиња, кои сосема прагматично се вклопуваат во ваквиот, компаративно подинамичен или, пак, похетероглосен хоризонт на уметноста.

Аналитичката компонента на проектот „Скопски урбани приказни: Во пет и седумнаесет“ на повеќе нивоа ја застапува идејата дека длабочината на јазикот е условеност од чувствувањето, дека за да се воспостави извесна комуникација, со и преку уметничкото дело, со она што е предмет на поврзување, неопходна е проникливост, ангажираност при препознавањето на значењето, овој пат – во зборовите на Шопов, каде што човекот е град, град што повторно се раѓа заедно со раѓањето на уметноста.

Натали Рајчиновска Павлеска