Во Археолошкиот музеј во Скопје е отворена ексклузивната изложба „Сребрена Тракија“. Станува збор за прво целосно претставување на тракиската култура во нашата држава. Во духот на европските вредности и на зацврстувањето на културната соработка со Бугарија, изложбата е резултат на врвната професионална соработка меѓу македонскиот Археолошки музеј и Националниот археолошки институт со музеј при Бугарската академија на науките во Софија и ќе биде отворена од високи државни претставници.
Изложбата, која е поддржана од министерствата за култура на двете држави, покрај ексклузивните археолошки предмети од Националниот археолошки институт со музеј при БАН – Софија, содржи и наоди од 17 историски и регионални музеи во Бугарија. Меѓу содржината е и тракиското сребро, познато во археолошкиот свет поради својата уникатност и извонредна уметничка изработка.

Изложбата досега била претставена во повеќе музејски центри во Европа и во светот, а поставката што се изложува во Скопје претставува најкомплексна и најобемна презентација на наодите што ги претставуваат тракиската култура и цивилизација. Презентацијата на изложбата во Скопје претставува продолжување на неколкугодишната соработка меѓу Националниот археолошки институт со музеј при БАН и Археолошкиот музеј во Скопје и се реализира по одличното претставување на изложбата „105 години Требениште“, која неодамна беше отворена во Софија, Бугарија.
Изложбата со свој поздравен говор ја отвори министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, која е покровителка на изложбата, а свои обраќања имаа и претседателите на македонското и на бугарското собрание, Талат Џафери и Росен Димитров Жељазков, министерот за култура на Бугарија, Крастју Крастев, како и директорите на двете музејски институции што се организатори на изложбата, Славица Бабамова и Христо Попов.