Научни проекти – каква глупост!

Македонија е меур – систем затворен самиот во себе, додека властодршците газат и уништуваат сè пред себе само заради задоволување ситни лични интереси. Сè повеќе стануваат извесни местото на науката во македонското општество и ставот што го наметнува естаблишментот, со премолчената, но јасно препознаена максима: Научни проекти – каква глупост!

Отворено писмо до надлежните

Пред една недела, поточно на 8 ноември 2023 година, беше објавено „Отвореното писмо до јавноста“, упатено од група „загрижени граѓани“ во Србија, меѓу кои и поранешниот претседател на Српската академија на науките и уметностите, инаку мој драг пријател и соработник, професор д-р Владимир Костиќ, кои веруваат дека се можни промени во нивната држава. Писмото почнува со пораката: „Почитувани граѓани, Србија стана земја на понижени и приватизирани институции, во сенка на криминалот поврзан со владините структури и корупцијата, којашто стана начин на живот. Живееме во години на демографски порази и невидени економски раслојувања“.

Веќе видено! Во Македонија не е ниту малку подобро, туку сигурно многу полошо. Причината за ова мое отворено писмо, иако на прв поглед изгледа тривијално, според моето мислење е, всушност, есенцијална. На 24 и 31 август и на 13, 26 и 27 октомври 2023 година, МАНУ, почитувајќи ја законската и подзаконската регулатива од областа на буџетското и трезорското работење, уредно достави до Министерството за финансии барања за добивање согласност за прераспределба на средства на сметките на буџет на донации, во рамките на Трезорската сметка. Меѓутоа, до ден-денес МАНУ не доби одговор на тие барања, иако Министерство уште при отворањето на тие сметки е запознаено со содржината на договорите, врз чија основа се пристигнати донаторските средства, во коишто јасно се дефинирани обврските на МАНУ како една од договорните страни, меѓу кои и обврската за навремено поднесување финансиски извештај за реализацијата на проектот, што, впрочем, веќе безброј пати е и предочено. Со ваквото непостапување надлежната институција и нејзиниот прв човек, во чија надлежност, според националната легислатива, е извршувањето на оваа обврска, ја оневозможуваат законски пропишаната можност за флексибилност на буџетите, што, пак, создава пречки при исполнувањето на преземените договорни обврски, што резултира со поврат на средствата кон соодветните донатори, особено во услови кога треба да се поднесе завршен финансиски извештај за проектот. И за да биде оваа состојба уште попоразителна, општо, за нашата држава, придонесува и фактот дека во МАНУ, но, впрочем, и во другите образовни и/или научни институции, во корист на сметките на буџет на донации се кумулираат средства, главно, од меѓународни проекти. Давањето согласност од министерот за финансии за прераспределба на наменските средства (даночно ослободени), веќе уплатени од донаторите во корист на овие сметки, кажано со едноставни зборови: средствата може да се извршат! Толку – ништо друго, ништо повеќе. А во нашата држава, една толку рутинска процедурална работа за која не се децидно одредени рокови за извршување, што, впрочем, се експлоатира за неажурно и непрофесионално работење, иако кај буџетските корисници и единките корисници се пропишани конкретни рокови за извршување на работите од областа на буџетското и трезорското работење, однапред промислено или не, покажува дека ние веќе системски се распаѓаме, поради што се наметнува прашањето за неодложно реформирање и консолидирање на законската регулатива од областа на буџетското и трезорското работење.

Мојата и „нашата задача не е само да ја промениме неподносливата општествена реалност“ туку да ја изградиме Македонија, така што „ќе биде невозможно да се повтори сегашната реалност. Затоа е неопходно да се вратат демократскиот поредок, правните и политичките институции, духот на слободната и критичка дискусија, во која луѓето ќе учествуваат без страв од последиците“. На Македонија „не ѝ треба нова класа на привилегирани политички олигарси, кои ќе застанат над законите, туку еднакви можности за сите и солидарност, без кои не може да се помине низ кризни времиња“.
Македонија одамна е понижена држава. Татковината јачи и повикува: Разбудете се Македонци! Ниту едно министерство не може да стои над граѓаните, тоа треба да му служи на народот, и никако поинаку. Во спротивно, се урива поредокот на македонската држава таква каква што е конституирана во Уставот и во другите државотворни акти

Гледано, пак, од аспект на изворите на финансирање на буџетот на Републиката, државата Македонија веќе повеќе години се обидува да привлече инвестиции однадвор, но и од домашните компании, што претставува проактивна заложба. Таа прави сè што е во нејзините можности тие инвестиции да се реализираат во Македонија и да се ефектуираат во буџетот на државата. Меѓутоа, односот на надлежните кон надворешните научноистражувачки проекти (зашто средства за домашни проекти одамна нема) е застрашувачки и понижувачки и кон истражувачите и кон образовните и научните институции. За разлика од инвестициите што се проследени со финансиска поддршка (преку спроведување на Законот за финансиска поддршка на инвестиции), за разлика од различните типови кредитирање, што подразбира позајмување средства, кои потоа треба да се враќаат со камата, научноистражувачките проекти финансирани однадвор подразбираат влез во Трезорската сметка на неповратни средства, средства што се вложуваат во Македонија и овозможуваат, преку истражување, остварување економски развој. Можеби нивниот износ и ни е многу висок, но ако го елаборирам износот на средствата што, поради моите научни активности, пристигнале во Македонија од 2006 година (годината кога се вратив од САД) до денес, мислам дека многумина ќе се замислат за влогот во општествениот развој токму преку ваков вид проекти. Неажурното работење, повеќемесечното континуирано доцнење и ненавременото одобрување на средствата пристигнати однадвор (од меѓународните проекти) за исплата, покрај веќе наведеното, ги поткрепуваат констатациите за непочитување на научноистражувачката работа, на научниците и на институциите во кои се реализираат проектите. Не би сакал да помислам дека единствена причина за ваквиот однос е: нема рушвет – нема одобрување. Последиците се поразувачки: младите што биле вработени на проектите, разочарани, си одат, додека фирмите што ги реализирале активностите на проектите, поради неплатените побарувања, исто така, си заминуваат – т.е. банкротираат. Односот на надлежните е јасен: на Македонија не ѝ се потребни ниту научници ниту надворешни проекти. Македонија е меур – систем затворен самиот во себе, додека властодршците газат и уништуваат сè пред себе само заради задоволување ситни лични интереси. Сè повеќе стануваат извесни местото на науката во македонското општество и ставот што го наметнува естаблишментот, со премолчената, но јасно препознаена максима: Научни проекти – каква глупост!

Затоа, го упатувам ова отворено писмо со порака: Министерството за финансии еднаш засекогаш сите барања на сметките на буџет на донации, безрезервно, неодложно и веднаш да ги поддржи, а не заради нечии или некакви поинакви од научните интереси (какви – вам ви оставам да погодите) овие средства да ги става под тепих. Мојата и „нашата задача не е само да ја промениме неподносливата општествена реалност“ туку да ја изградиме Македонија, така што „ќе биде невозможно да се повтори сегашната реалност. Затоа е неопходно да се вратат демократскиот поредок, правните и политичките институции, духот на слободната и критичка дискусија, во која луѓето ќе учествуваат без страв од последиците“. На Македонија „не ѝ треба нова класа на привилегирани политички олигарси, кои ќе застанат над законите, туку еднакви можности за сите и солидарност, без кои не може да се помине низ кризни времиња“.
Македонија одамна е понижена држава. Татковината јачи и повикува: Разбудете се, Македонци! Ниту едно министерство не може да стои над граѓаните, тоа треба да му служи на народот, и никако поинаку. Во спротивно, се урива поредокот на македонската држава таква каква што е конституирана во Уставот и во другите државотворни акти. „Затоа, ги повикуваме сите оние што во својот живот се среќаваат со различните лица на една иста неправда и ароганција, да ги надминат сопствените стравови и својата недоверба и да се обединат во борбата за поинаква Македонија“. Македонија е „наша земја и затоа ова е заедничка борба, во која треба да докажеме што сме ние и колку нè има. Таа борба се заснова на лекциите од минатото, на јасен увид во сегашноста и, најважно, на посветеноста на иднината“.

Велат, една ластовица не ја чини пролетта, ама ја навестува. И во тој стил ќе го истакнам следното: Едно вакво отворено писмо можеби е капка во морето на корупција, ама и знак за промени. Ве повикувам: Придружете им се на предводниците на промените!