Фискалната политика мора да ѝ дава некаква поддршка на економијата, не смее да биде рестриктивна, затоа што ако е рестриктивна, тоа дополнително ќе ја дотолчи кревката економија. Во услови кога каматните стапки се високи (последната еврообврзница беше со стапка од околу 7 отсто, таа од 2021 година беше со стапка од околу 2 отсто), за да може да спроведува експанзивна фискална политика, Владата мора да најде начини да ги зголеми приходите во буџетот. Гувернерката на НБРМ, Ангеловска Бежоска, вели дека подолгорочни поволни ефекти, вклучувајќи и врз инфлацијата, екстерниот сектор и растот на економијата, можат да произлезат само од структурните реформи во економијата каде што е потребен поголем степен на интензивирање

Дали граѓаните по одмрзнувањето на цените да очекуваат раст на инфлацијата

Структурните реформи во економијата, како и макроекономските политики се клучни за отпорност од глобалните шокови, зголемување на потенцијалот на нашата економија, но и за побрзо и поинклузивно зголемување на потенцијалот. Упатените велат дека тоа се клучните фактори што ќе влијаат за стимулирање на економијата, а не со зголемување на каматните стапки, при што кредитите поскапуваат и можностите за заживување на економијата се намалуваат.
– Доколку имаме политики на агрегатна побарувачка што поттикнуваат прекумерна побарувачка споредено со понудата во економијата, тоа може да претставува притисок и нагорен ризик за инфлацијата. Токму затоа, клучните препораки на сите меѓународни институции се добро координирани и внимателни макроекономски политики. Трендовите кај инфлацијата се поволни, но мора да видиме стабилизирање на подолготрајно и одржливо ниво, а клучна за тоа е комбинацијата на макроекономските политики, но и структурните политики – истакнува гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска Бежоска.
Бранимир Јовановиќ, економски истражувач од Виенскиот институт за меѓународни економски студии, вели дека во теорија прекумерната побарувачка споредено со понудата во економијата може да претставува притисок и нагорен ризик за инфлацијата, но моменталната ситуација кај нас не е таква.
– Побарувачката во Македонија моментално е слаба – прометот во трговијата на мало во септември има реален пад од 1,8 отсто (и не само во септември туку во текот на целата оваа година). Луѓето просто немаат веќе пари да купуваат поради високата инфлација. Инфлацијата што ја имаме целата оваа година доаѓа од страна на фирмите, кои ги зголемија цените повеќе отколку што е потребно, за да си ги зголемат профитите – објаснува Јовановиќ.

Во однос на прашањето дали се очекува одмрзнувањето на цените на прехранбените производи по 1 јануари идната година да влијае на зголемувањето на инфлацијата, тој вели дека без никаква дилема би се случило тоа исто како што се случи и пред неколку месеци, како и лани на почетокот на годината, кога се одмрзнуваа цените.
– Фирмите несомнено ќе ги кренат цените, за да ги надоместат загубените профити од овие месеци кога цените се замрзнати. Затоа е многу важно одмрзнувањето да не се случи прерано, односно да се направи во оној момент кога инфлацијата навистина ќе се стабилизира на некое ниво блиску до 2 отсто. Во спротивно, сите придобивки од изминатите два месеца ќе паднат во вода – потенцира Јовановиќ.
Тој вели дека покрај мерките за контрола на инфлацијата, како замрзнувањето на цените, потребни се мерки и за зголемување на куповната моќ на луѓето. Со зголемувањето на куповната моќ ќе се стимулира побарувачката во економијата, а со тоа ќе заживее економската активност.

– Тоа ќе има позитивни ефекти и на инвестициите, зашто фирмите сега се воздржуваат од инвестирање, од страв дека нема да има кој да им ги купува производите или услугите. Паралелно со тоа ќе се ублажи и растот на сиромаштијата, која овие две години енормно порасна. Тоа конкретно се постигнува со зголемување на минималната плата, платите во јавниот сектор, пензиите и сите видови социјални издатоци, барем за онолку колку што изнесува инфлацијата – укажува Јовановиќ.
И според гувернерката постои неизвесност и не би можело да се каже што ќе се случи со цените по истекот на важноста на мерките за ограничување на цените на прехранбените производи, но враќањето на претходни нивоа како што беа пред воведувањето на мерката дефинитивно би значело одреден нагорен притисок врз цените.

Населението и бизнис-секторот велат дека мора да се најдат начини да се стимулира и економијата, бидејќи со кревање на каматните стапки и поскапување на кредитите, можностите за заживување на економијата се намалуваат.
– Фискалната политика мора да ѝ дава некаква поддршка на економијата, не смее да биде рестриктивна, затоа што ако е рестриктивна, тоа дополнително ќе ја дотолчи кревката економија. Во услови кога каматните стапки се високи (последната еврообврзница беше со стапка од околу 7 отсто, таа од 2021 година беше со стапка од околу 2 отсто), за да може да спроведува експанзивна фискална политика, Владата мора да најде начини да ги зголеми приходите во буџетот – смета Јовановиќ.
Ангеловска Бежоска вели дека подолгорочни поволни ефекти, вклучувајќи и врз инфлацијата, екстерниот сектор и растот на економијата, можат да произлезат само од структурните реформи во економијата каде што е потребен поголем степен на интензивирање.

– Механизмите што сега се воведоа со измените на законите во сферата на буџетските правила, односно воведувањето на фискалните правила и воведувањето на Фискалниот совет, се значајна алатка што ќе помогне во насочување на фискалните текови во оние пунктови каде што има најголема ранливост за населението – рече Ангеловска Бежоска и додаде дека е потребно креирање мерки насочени кон тие на кои најмногу им е потребна помош и со голем фокус на капиталните инвестиции.
Таа посочи дека поголемото пренасочување на јавните расходи во сферата на капиталните инвестиции ќе има позитивно влијание не само на краток туку и на долг рок, бидејќи се зголемува потенцијалот за раст на економијата.