Промоција на новата книга на Ефтим Клетников, „Трпе и Европа“, која спаѓа во жанрот комедија, ќе се одржи утревечер, во 19.30 часот, во „Матица ексклузив“. Всушност тоа е, како што вели самиот автор, комедија на нашата идентитетска трагедија.

Дејството се случува во Прилеп (Македонија) и во Брисел (Европа). Основната тема е опремување со душа на бездушната дама Европа, која одамна во ликот на Фауст си ја продала душата на ѓаволот (Мефистофел). Сега таа се опремува со душата на прилепчанецот Трпе, како најдобра на Стариот Континент, но трагикомичните перипетии настануваат потоа кога бриселската дама при примопредавањето на душата неочекувано забременува и ја раѓа ќерката Македонија што е причина за европска, балканска и американска главоболка. Но на крајот сè се разврзува и завршува среќно во домот на Трпе во кој ЕУ-истражителот, песот Наполеон, ги наоѓа заборавените гаќички на мадам Европа во плакарот на Трпе и Трпана, па таа се враќа гологаза во Брисел. Комедијата на Клетников во финале-крешендо завршува со македонско оро и познатиот ороводен екстатичен крик: „И-и-и-х“, кој сугерира дека сепак Македонците се идентитетски неуништливи и покрај смртоносната операција на Западот против нив.

Комедијата на Клетников ќе ја промовира писателот Блаже Миневски, наш водечки раскажувач и романсиер, делови од неа ќе интерпретира Александар Џуровски, а музички ќе ја збогати Марија Јанковски.