Книгата „Математичка поезија“ од Даниела Андоновска-Трајковска, во издание на Центарот за култура и културолошки студии од Скопје, ќе биде промовирана денеска, во 12 часот, во домот на културата „Кочо Рацин“ во Скопје. Книгата ја доби наградата „Ацо Шопов“ на Друштвото на писателите на Македонија за најдобра поетска книга во 2020 година. На промоцијата ќе говорат Мишел Павловски и Лорета Георгиевска-Јаковлева.
– Даниела Андоновска-Трајковска со вешт и едноставен поетски јазик анимира геометриски форми за да ги прикаже човечките слабости и доблести, т.е. дека денес се живее само на една права и дека најчесто луѓето денес се темиња на триаголник што цел живот се обидува да си ја задржи формата, дека времето е круг, а луѓето заточеници на своите остри агли, но таа ни ја предочува и нашата вистинска природа и ни ја покажува и линијата на животот и сфаќаме дека сме отсечки што се продолжуваат на двата краја, дека рамнокракиот триаголник станува дом, а цел живот градиме прави агли по кои тече нашето време… – се вели во образложението за наградата.
Даниела Андоновска-Трајковска (1979, Битола) е поетеса, прозаистка, уредничка на списанија, книжевна критичарка, промоторка на книжевни дела, докторка на науки и редовна професорка по методика од областа на јазикот и литературата на Педагошкиот факултет – Битола, Универзитет „Св. Климент Охридски“ – Битола.