„Мистеријата зад женскиот поглед“ е изложба на фотографии на Ерина Богоева што ќе биде изложена до 15 октомври во „Европската куќа – Скопје“.
– Убавината на жената не се наоѓа само во нејзиниот физички изглед. Напротив, таа извира од истрајноста, упорноста, креативноста, посветеноста да се исполни сопствениот потенцијал. Сите овие работи се присутни во погледот на една жена и без разлика на тоа каде тој е вперен, очите цврсто гледаат кон крајната цел. На гледачите од страна им останува задачата да одгатнат што е мистеријата зад погледот на една жена – вели авторката.
Во оваа серија портрети, Ерина прикажува млади и талентирани жени што и покрај сите ограничувачки фактори што може да ги има во една ваква мала средина, не престанале да се трудат, да творат и на патот кон својот успех да се обидуваат да остават свој печат врз македонското културно милје. Тоа се актерки, уметници, режисерки, писателки, шминкерки, дизајнерки и со еден збор – креативци што својот најмоќен израз го даруваат на една или на друга уметност.
– Оваа изложба ја поставувам со надеж и дека некоја млада жена ќе се пронајде во погледите на овие жени и ќе продолжи да чекори по својот пат – вели Богоева.