Театарската претстава „Мојот маж“, работена по истоимената збирка раскази на македонската писателка Румена Бужаровска, а во режија на Јована Томиќ, вечерва премиерно ќе биде одиграна на сцената на студиото на Југословенско драмско позориште во Белград. Во претставата играат Сања Марковиќ и Јована Беловиќ. Драматург e Димитрие Коканов, костимографка Маја Мирковиќ, а композитор Лука Мејџор. Сценскиот говор е на Љиљана Мркиќ Поповиќ, а инспициент Марко Ајваз. На веб-страницата на студиото на Југословенско драмско позориште во Белград е посочено дека веднаш по објавувањето, „Мојот маж“ предизвика големо внимание на критиката и читателската публика. За првпат претставата „Мојот маж“, но во режија на македонската режисерка Нела Витошевиќ, беше премиерно поставена лани на 15 февруари, на сцената на Драмскиот театар во Скопје, а на осми октомври и на сцената на Словенско народно гледалишче во Љубљана, во режија на Ивана Ѓилас.

Во претставата во Љубљана беа преточени раскази од споменатата истоимена книга на Бужаровска, но и од нејзината книга „Не одам никаде“.
– Чувството да го гледате сопствениот текст како се отелотворува на сцена е навистина единствено и возбудливо. Кога во Скопје ја гледав „Мојот маж“, бев обземена од начинот на кој режисерката и актерите ги интерпретирале ликовите и уживав гледајќи ги малите разлики во изведбите. Впрочем, тоа беше последна претстава што ја гледав кога почна пандемијата, а следната пак беше „Мојот маж“, но во Љубљана, каде што го забележав и доживувањето на едно друго многу интересно чувство: имено, пишувањето и читањето се интимни дејства.

Кога некој ве чита, не знаете како реагираат читателите, бидејќи не ги гледате во нивната приватност. Овде е друго, бидејќи во живо гледате како реагира публиката на вашиот текст – со смеење, со солзи, со нелагодност. Уште повозбудливо е кога гледате како текстот се пренесува на друг јазик и во друга средина и како сепак, и покрај разликите во културите, тој функционира – рече меѓу другото минатата година Румена Бужаровска во интервјуто во „Нова Македонија“ по повод премиерата во Љубљана.