За највпечатлив дел од изложбата „Ментална ескапологија“ се смета скулптурата „Храм“, висока шест метри, поставена на раб од езеро во Сент Мориц

Меѓу настаните што ја одбележуваат оваа пролет на уметнички план во светот е и изложбата на Демиен Хирст во Сент Мориц, градот познат по скијачките терени и богатите посетители. Славниот Хирст првпат изложува свои дела таму, во Швајцарија, на изложбата со наслов „Ментална ескапологија“. Некои од нив и во тамошната Протестантска црква, но најголем број од своите скулптури, четириесет на број, ги постави на отворен простор. За највпечатлив дел од изложбата се смета скулптурата „Храм“, висока шест метри, поставена на работ од езерото, која ја покажува анатомијата на човечкото тело. Скулптурата со наслов „Монах“, висока речиси четири метри беше поставена на самото тогаш замрзнато езеро, а до неа и скулптурата „Две фигури и тапани“. Кустос на оваа изложба е Џејсн Биард, а продуценти се Оскар Хумпрес и Марко Војна.

– Отсекогаш сметав дека е привилегија што можам да живеам со уметноста и среќен сум што можам да го видам моето дело надвор, во ваков простор – изјавил Хирст.
Кустосите го истакнале контрастот на неговите скулптури со белите нијанси на снегот и ледот, но и продукциските проблеми. Отпрвин тие сметале дека нема да можат да го изведат проектот, но, сепак, изјавувале дека сакаат предизвици. Потоа ги донеле скулптурите со хеликоптер и ги ставиле на понтон. Кога ледот околу понтонот добро се замрзнал, посетителите можеле да одат по езерото за да ја погледнат изложбата, од која дел претходно бил поставен и во Венеција. Според „Валпејпр“, Демиен Хирст бил воодушевен што имал можност своето дело да го смести во, како што изјавил самиот, „неверојатен пејзаж, до замрзнато езеро и планини, со прекрасни историски градби, кои се поврзуваат со големите теми што тој ги сака, како што се науката и религијата“.

Хирст во тамошниот скоро обновен форум Парацелсус од 1400 год. пр. н.е, кој низ историјата меѓу другото бил и термална бања, го покажал своето дело „Стрипер“ – орман со хируршки инструменти. Во Протестантската црква, пак, поставил дела со калеидоскоп со крила од пеперутки. Во истиот простор изложил и мртво морско куче во формалдехид, делото „Физичка неможност на смртта во свеста на некој што живее“.