Фото: Зоран Антоски

Нови книги за деца

Авторката на стихозбирката „Жуборливи поточиња“, Мира Илијоска, својата најнова книга наменета за младите читатели неодамна ја претстави пред учениците во основните училишта во Кичево: ОУ „Д-р Владимир Полежиноски“, ОУ „К.Ј. Питу“ и ОУ „Христо Узунов“. Во наредниве недели книгата ќе биде промовирана и пред учениците во ООУ „Санде Штерјоски“.
– Мојата најнова поетска книга „Жуборливи поточиња“ започнав да ја промовирам во локалните основни училишта во Кичево. Бидејќи мојата поетска книга како целна група ги има најмладите, сметав дека овој начин на промоција е најдобриот за да се доближат овие песни до нашите најмлади сограѓани. Промоцијата ја реализираме пред учениците од второ до петто одделение и на тој начин настојуваме секое дете што повеќе да ја разбере пораката од мојата стихозбирка – истакна авторката Мира Илиеска.

Таа го пофали односот на учениците на овие промоции.
– Тие се прекрасни, многу им се допаднаа песничките, а голем број родители ми се јавија и ми се заблагодарија за соработката со нивните деца. На разделбата од секое училиште подарив и повеќе примероци книги од оваа збирка, како за наставниците така и за училишните библиотеки, за да можат оваа стихозбирка да им ја читаат и наредните генерации што ќе доаѓаат во овие училишта – додаде авторката.
Мира Илијоска претходно издаде уште две свои дела, и тоа „Патување низ спомените“ во 1999 година и „Мојот чекор“ во 2018 година.

З.А.