Од творештвото на писателот Киро Донев

Пожарите на летото згаснуваат веќе.
Во градината, ене, свенува и последното летно цвеќе.
Опустеа плажите и летувалиштата.
Повторно живнаа градинките и училиштата.
Со весел детски џагор се исполнија занималните и училниците.
Останаа празни само гнездата на птиците, преселниците. Заедно со децата и тие со летото се збогуваат.
Штрковите, славејчињата, ластовиците и грлиците кон потопли краишта патуваат.
Кога си заминуваа, децата на сет глас им порачуваа:
– Среќен нека ви биде летот кон потоплите краишта на светот! Каде што треба, заедно со новата пролет, па сите на гости да ни дојдете!
А и врапчињата како нешто да се сетија. Па, и тие на испраќање, на преселничките им ветија:
– Одете си без грижа. И ние ви ветуваме… Вашите домови, преку зима, ние ќе ги чуваме!

Непослушно ластовиче

Есен е. Ниту доцна, ниту рана. Сѐ повеќе студи. Само што не паднала и првата слана. Во една градинка, секој да се чуди – нешто многу необично стана…
Едно непослушно ластовиче со часови на прозорецот од градинката стои. Не сака да одлета на југ со родителите свои. Залудно го молат, го советуваат, го караат. Родителите со часови со него разговараат. Но тоа тврдоглаво на сите им вели – дека не сака на југ со нив да се сели!
– Не сакам, како вас, низ непознати краишта да кружам. Ќе останам тука и со децата ќе се дружам! Зошто морам птичји живот да водам? Сакам и јас како децата – в градинка да одам!
– Не, ти не си дете, сине – мајка му го учи. – Ако останеш зиме тука – сѐ може да ти се случи. Ти си – преселна птица, треба да знаеш… Ако не појдеш со нас, горко ќе се каеш!
– Не грижи се, мамо! Не ќе бидам само….Глеј колку дечиња во градинка има. Умни се и вредни – кај себе ќе ме примат. Редовно ќе ме хранат и од лошо ќе ме бранат. Кога ќе ми студи – кај нив ќе се греам, а јас, пак, за тоа – весело ќе им пеам! А вие, штом сте решиле, одете си, нека… До новата пролет – јас тука ќе ве чекам!
Ластовичето остана, само така реши…
А ,вие, што мислите – дали тоа згреши?

(Од книгата „Дарко во Зоопаркот“)


Гатанка

Преселна е птица в црно-бела дреа,
гнездото го прави под нечија стреа.

Везден е во воздух, инсекти си фаќа,
штом ќе се најаде во гнездо се враќа.

Во градење гнездо многу труд ќе внесе
и во него јајца повеќе ќе снесе.

Од нејзино грло песна, радост блика
секој човек треба да ѝ чини дикат….

(Од книгата „120 гатанки за мали
и големи деца“ на Цане Трпкоски)