Илустрација: Владо Јаневски

Од првата детска амбасада во светот „Меѓаши“ совети за возрасните како да се разговара со учениците во кризни моменти

Последниот грозоморен настан во врска со киднапирањето и смртта на 14-годишната Вања Ѓорчевска од Скопје предизвика различни емоции кај сите, особено кај децата, како што се: чувство на страв, тага, неверување, паника и особено страв и вознемиреност за себе, за сопствената безбедност во семејството, во училиштето и безбедноста на најблиските, за довербата во најблиските и границите…
Во овие моменти важно е да разговарате со детето/децата, да не избегнувате разговор и да не оставате простор за дезинформации. Еден од пристапите може да биде дека ви е важно да знаете како се чувствува, што знае, кои информации ги има и што сака да знае да ве праша. Може и да нацрта цртеж, да напише состав, оставете му слобода да се изрази како што му е најлесно. Прифатете доколку не сака да разговара, но бидете јасни дека сте тука во секое време. Кажете му дека е сосема разбирливо што се чувствува така, дека сите се плашат кога се во опасност и дека тоа е природна реакција. Бидете искрени во комуникацијата, споделете ги и вашите чувства и дека сте безбедни. Објаснете му на детето дека ова е изолиран случај, еден и единствен и дека сега е безбедно.

Следете го однесувањето на вашето дете, треба да знае дека секогаш сте тука за него и доколку е премногу исплашено, во паника, бесно, луто или повлечено, побарајте стручна помош.
Поразговарајте и за можните апликации за следење на движењето како алатка што може да помогне во случај на загрозена безбедност. Притоа, секако, прашајте што мисли тој/таа за тие апликации и да ги има на својот телефон, како би се чувствувал/а, можете и заедно да ги разгледате опциите. Кажете му дека не станува збор за немање доверба каде се движи и оди, туку оти ви е важно да знаете дека доколку има потреба од вас ќе ја имате како помошна алатка.

Ана Попризова, психолог и надворешна соработничка на детската амбасада
„Меѓаши“


За Вања

Врз облаци зачекори,
на меко и чисто да газиш,
тука долу тиња е,
загнасено и матно.
Таму горе,
до сонцето поблиску
ќе бидеш,
ќе те гали и грее,
и патот светол секогаш
ќе ти биде.
А кога сонцето ќе зајде,
не грижи се,
месечината ќе те чува,
ќе те гушка и гали,
како мајка што најнежно
на чедо свое тоа го прави.
И верувам,
таму горе над облаците,
кај сонцето и месечината,
помеѓу ѕвездите,
таму каде и ти сега
си ѕвезда сјајна,
таму е поубаво и почисто,
безгрижно и бајковито,
оти злото не знае да лета,
а и да знае, од Бога се плаши
и горе не би отишло,
тоа тука на дното се гуши,
и нам долу,
сонот ни го руши.
Таму горе

Марко Виденовиќ


Дете

На Вања Ѓорчевска

Без изворот нема поток,
без потокот нема река
за да тече и да брза
мирно море кај ја чека.
Без добрина нема љубов
да им грее срца довек.
Без коренот нема стебло,
без детето нема човек.

Ситно семе – жито бујно,
нежно пиле – сокол крилен,
една желба – надеж милна,
мала искра – пламен силен.

Без сонцето нема небо,
со синило да нѐ плени,
без зората нема утро
кога денот нов се дени.

Перо Миленкоски