Литературно матине за деца

Во рамките на Деновите на културата во општината Илинден и литературната манифестација „Илинден 2022“, во домот на култура „Илинден“, на 11 мај се одржа традиционалното Литературно матине за деца, на кое учениците од општината имаа можност да се дружат со најистакнатите македонски писатели за деца и млади.
Во полната сала на домот на култура „Илинден“, со бурни аплаузи поздравени, пред најмладите со своите најнови творби се претставија писателите: Стојан Тарапуза, Горјан Петрески, Перо Миленкоски, Наум Попески, Мито Спасевски, Славка Арсова, Мишо Китаноски, Ксенија Маказлиева-Трајчева, Христо Петревски и Васил Мукаетов.
Традиционално и годинава во рамките на Литературното матине за деца беа наградени најдобрите творби на учениците што учествуваа на конкурсот, кој го организираше општината Илинден, по повод литературната манифестација „Илинден“.
Според зборовите на претседателот на жири-комисијата што ги избра најдобрите песни од учениците, Перо Миленкоски, на конкурсот пристигнале голем број квалитетни песни, така што биле изложени на слатки маки да ги изберат трите најдобри од секое училиште.
Градоначалникот на општината Илинден, Александар Георгиевски, на авторите на најдобрите песни им подари пригодни награди и признанија.
Признанија за особен придонес во развојот на културата и културните вредности, градоначалникот Георгиевски им додели и на писателите за деца и млади што учествуваа на Литературното матине.


КУЌЕН РЕД

(ова важи само за момчињата)
По враќањето од училиште
нема брканица по скалите
– ни викање по другарите.

Од три до пет часот
потребна е тишина,
сите изморени мајки и татковци мили,
од работа се дојдени,
на одмор се појдени,
да здивнат
и да соберат нови сили.

Се забранува
и секакво играње околу зграда,
а уште помалку детска парада.
И довикување гласно
одмор за сите е потребен,
тоа барем е – јасно.

(а ова само за девојчињата)
Цвеќата по балконите
редовно да ги поливате,
пред да заспивате.

Мишо Китаноски


Вардар

Седам покрај Вардар,
гледам како тече,
кога тој ме виде,
како да ми рече:

– Со векови минам
низ клисури, ридој,
крај полиња плодни,
многу нешта видов.

– Видов многу борци
со крвави рани,
комити, војводи,
млади партизани.

Која вера беа
некој ако праша,
верата им беше
слободата наша.

Наум Попески


Во време пролетно

Во време пролетно
сѐ е најполетно!

Најполетни се тревите
и семето на посевите,
и дотокот на реките
и растежот на смреките,
и жуборот на потоците
и брзината на дотоците,
и гласот н бубалките,
и вревата на гракалките,
и смеата на цвеќињата,
и пламтежот на знамињата.

Во време пролетно
сѐ е најполетно!

Стојан Тарапуза


Чија е ливадата

Сонцето се смешка на небото и ги разлева зраците насекаде. Тоа стигна и во ливадата. Кога таму, слушна некаква расправија.
– Моја е ливадата! – извика кртот од под земјата. – Јас ја чистам од разни штетници.
– Ти непотребно ја ораш! – му рече ежот. – Јас ги бранам нејзините жители од змиите. Ливадата е моја.
Сонцето ги слуша и се смешка. А ливадата е убава – зелена и расцветана.
– Погледни ги цвеќињата! – извика пчелата – Тие мене ме чекаат. Тогаш зошто ливадата да не биде моја?
– И јас имам право на ливадата! – се јави и бубамарата.
– А да не сум јас?! – извика потокот. – Кој ќе ги напојува тревите и цвеќињата во ливадата?
Настанаа препирки и расправии. Почнаа да се јавуваат и други жители: бумбари, оси, разни инсекти и птици што се гнездеа низ грмушките во ливадата.
Сонцето гледаше и продолжуваше да се смешка од небото.
– Треба ли јас да речам дека без мене нема да ја има ни ливадата, а ни вас? – им рече сонцето. – Дали тоа значи дека ливадата е само моја? Ливадата е на сите што живеат на неа.
Сонцето за миг како да се подналути и се скри зад едно облаче. Тогаш сите замолкнаа. И никој не се обиде да ја присвојува.
Сега веќе сите знаеја чија е ливадата.

Горјан Петревски


КОГА БОРКО СЕ ЛУТИ

Училишниот двор беше празен. Влезната врата беше затворена. Борко застана покрај влезот и почна да тропа со сета сила. – Отворете! – викна. – Еднаш ќе задоцнам и веднаш ќе ја заклучите вратата! Отворете!!!
– Добро утро, Борко – го поздрави чичкото од обезбедувањето. – Нема потреба толку да викаш, ќе ти отворам…
– Колку време треба да чекам!? – му одврати Борко и истрча кон скалилата што водеа на вториот кат. За миг беше покрај вратата од неговата училница. Силно ја притисна кваката и ја отвори вратата. Наставничката веќе беше во училницата и пишуваше нешто на таблата. Борко ја затвори вратата со тресок и како молња се упати до своето место во третата клупа. Погледите од цело одделение беа вперени кон него, а тој:
– Што ме гледате како да сум дух? Гледајте во наставничката, а не во мене! – рече и почна да пребарува по својот ранец. Наставничката престана да пишува на таблата. Се сврти кон своите ученици и праша: – Дали е јасно?
– Мене ништо не ми е јасно… – се јави Борко.
– Значи, нема прашања? – го прекина наставничката. – Одиме понатаму. Внимавајте, сега… – и продолжи да објаснува.
– Ама, наставничке – јас имам прашање, не едно, туку сто…
– Значи, внимавајте – продолжи наставничката како никој ништо да не кажал.
Но Борко не престануваше да зборува.
– Толку за овој час – рече наставничката – но, наместо да повториме, дали сакате да направиме еден… квиз?
Никој ништо не одговори. Сите беа збунети.
– Земете по еден лист хартија и запишувајте – продолжи наставничката. – Прво прашање: 1. Ако некој задоцни на училиште, а часот е веќе почнат, тој треба да:
а) влета во училницата како молња;
б) да тропне на вратата, па да влезе;
в) да ја тресне вратата силно – така што сите ќе знаат дека влегол на час.
– Ама, наставничке, знаете ли колку бев лут утрово? – се јави Борко.
– Второ прашање – продолжуваше да диктира наставничката: 2. Ако некој влезе во училница во која веќе е почнат часот, треба:
а) да седне на своето место, внимавајќи никој да не го види;
б) да каже: „Добро утро, се извинувам што доцнам, може ли да седнам на место?“;
в) да биде погласен од сите – така што сите ќе знаат кој влегол на час.
Борко сега ја наведна главата. Сакаше нешто да каже. Ја крена раката, па ја спушти. И промрмори: – Јас ли сум виновен што утрово толку многу ме налутија сите дома? Сите по мене викаа… Сите поради мене доцнеле… Последен сум станувал… За сè јас сум им виновен…
– Трето прашање – се слушна повторно гласот на наставничката.
Децата во одделението почнаа да шушкаат. Погледите како под команда им се упатуваа де во наставничката де во Борко…
– Тишина, ве молам! Ова е час, а не пазар – предупреди наставничката. – Значи, трето прашање: 3. Кога некој е лут од која било причина, треба:
а) да му се лути на целиот свет и со сите да се кара;
б) да ја задржи лутината во себе зашто другите не се виновни;
в) да не кажува добро утро или добар ден никому цел ден – така што сите ќе знаат дека е лут. Запишавте? – праша наставничката, па продолжи – Имате една минута да ги заокружите одговорите што сметате дека се точни.
Децата ги наведна главите над клупите, а наставничката го мереше времето.
– Готово – викна. – Завршивте?
– Даааа – одговорија сите во еден глас.
– Колку од вас го заокружија вториот одговор на секое прашање? – праша наставничката.
Децата погледнаа во своите листови, па еден по еден сите кренаа рака. Сите, освен Борко.
Тој полека ја облече својата јакна. Го стави ранецот на грб и со бавни чекори излезе од училницата, тивко затворајќи ја вратата зад себе.
По кратко време, цело одделение слушна како некој тропа на вратата од училницата.
– Да – рече наставничката.
Вратата полека се отвори. Борко влезе во училницата: – Добро утро, наставничке. Се извинувам што доцнам. Може ли да седнам на моето место?
– Добро утро Борко – му врати наставничката. – Повели, седни си на твоето место. Секому може да му се случи да задоцни. Така ли е? – праша.
Сите одговорија потврдно.
– Но не треба да ти стане навика. Продолжуваме со часот. А, ти, Борко, бидејќи задоцни, ако нешто не ти е јасно, ќе ти објаснам подоцна.
– Благодарам, наставничке – одговори Борко и седна во својата клупа.
„Распустот одамна заврши“, си помисли, „од утре ќе мора порано да станувам, а и помалку да се лутам.“

Ксенија Маказлиева Трајчева