По повод дваесет години од постоењето на детскиот литературен фестивал „Ракатки“, фестивалскиот одбор распишува конкурс на тема „Македонија – мојата татковина, мој дом“.
Право на учество на конкурсот имаат учениците од четврто до деветто одделение. Творбата треба да биде напишана на македонски стандарден јазик во поетска или во кратка прозна форма не подолга од една страница, како ворд-документ со фонт 12 (Ariel со македонска поддршка).

Учениците од другите националности може да ја достават творбата и на својот мајчин јазик, со превод на македонски стандарден јазик.
Творбата треба да ги содржи и следниве општи податоци:
а) име и презиме на ученикот,
б) одделение, училиште и место,
в) име и презиме на менторот (број на телефон за контакт),
г) фотографија (портрет) на ученикот
Документот треба да биде именуван на следниот начин: одделение, име и презиме (на пр.7-а одд., Петар Јанков).
Секое училиште може да учествува само со една творба избрана од одржаниот училиштен литературен конкурс или од литературната секција. Литературната манифестација „Ракатки“ има цел да им даде можност на поголем број талентирани ученици да го презентираат својот литературен израз. Во таa насока, пожелно е менторите да мотивираат и да поттикнат за учество и други ученици, не само оние што претходно учествувале.

Конкурсот е отворен од декември 2023 до јануари 2024 година, а периодот за испраќање на творбите е од 1.2.2024 до 10.2.2024 година, до 20 часот.

Напомена:
• Творбите што нема да ги исполнат пропишаните критериуми и кои ќе пристигнат по наведениот период за испраќање, нема да бидат земени предвид за разгледување и за вреднување.
• Торбата треба да биде испратена исклучиво од имејл- адресата на менторот, по електронски пат, на адресата: [email protected].
Во согласност со конкурсот, жирито од пристигнатите творби ќе избере 30 најдобри, со кои авторите ќе настапат на фестивалот „Ракатки“ 2024.
Одлуката на жирито ќе биде објавена во првата половина на март 2024 година, во дневниот весник „Нова Македонија“, во прилогот „Колибри“.
Завршната манифестација на републичкиот детски литературен фестивал „Ракатки 2024“ ќе се одржи на 11.5.2024 година.
ВАЖНА НАПОМЕНА: Авторот на наградената творба треба да настапи на фестивалот со интерпретација на својата литературна творба, кога ќе му биде врачена и наградата. Правото на доделување на наградата се губи ако авторот не присуствува на настанот. Фестивалскиот одбор нема обврска наградите да ги испраќа по пошта ниту, пак, наградата да ја подигне некој друг во име на авторот.

Фестивалски одбор на „Ракатки“


Кон целта

на хуманоста

и добрината

Босоного сакам да потрчам
кон целта на
хуманоста и добрината,
што надеж будат
многу поинаква од
парче леб,
пакет стари алишта или
железна паричка.
Имам желба:
надежта во очите од
ликот на Мајка Тереза и
нејзините подадени раце –
да ги имам.
Немоќните и бездомните
да ги прегрнам,
да ги стоплам и
да ги заштитам.
Таму каде пламенот пеплосува,
и водената стихија уништува –
таму со хуманите
и јас да бидам!
Желба имам
со подарена крв
нечиј живот да спасам.
Благица Илиева, 6-2 одделение
ООУ „Никола Карев“
-Радовиш

Имам желба

за свет без граници

Овој убав свет сакаме
да е дом наш
сите треба да го градиме,
за да биде и ваш.
Да создадеме соживот
во прекрасни бои
и да посакаме најубави
желби свои.
Насекаде знамето на мирот
да се вее
и секое дете радосно да пее.
Заедно на убавините
да се радуваме
и весело со игра да другаруваме.
Децата и возрасните
да се здружат
почит и толеранција да пружат.
Стоп за сите караници!
За наш и ваш свет без граници.
Александра Шопоски, 
7-б одделение
ООУ „Димитар Миладинов“-Скопје
Од алманахот на „Ракатки 2017“