Промоцијата на монографијата „Тажачки песни од скопскиот земјотрес во 1963 г. (од архивските материјали на Васил Хаџиманов)“ од Ана Мартиноска и Жарко Иванов, во издание на Институтот за македонска литература (2023) ќе се одржи утревечер, во 19 часот, во киното „Фросина“, МКЦ. Промоторка ќе биде Илина Јакимовска, а музички настап ќе имаат Васил Хаџиманов, Вера Милошевска-Јосифовска, Оливер Јосифовски, Ратко Даутовски и Виктор Филиповски.
– За нас оваа книга претставува еден вид постмемориска и трансгенерациска трансмисија на траумата. Таа не само што ни овозможи да го елаборираме документарно-тестимонијалното паметење на непосредните учесници на еден од клучните трауматски настани од историјата на градот и земјата туку и да го реактуализираме скопскиот земјотрес и во наредните генерации, коишто, како и ние, не се директни сведоци на траумата, но живеат со фрагменти од туѓите репрезентации на земјотресот во колективната меморија и уште повеќе, со посредувана достапност за трауматичното минато. Во спомен на Васил Хаџиманов и во спомен на жртвите на скопскиот земјотрес, ве очекуваме – велат авторите на монографијата.
Книгата „Тажачки песни од скопскиот земјотрес во 1963 г. (од архивските материјали на Васил Хаџиманов)“ претставува монографија за тажачките песни од скопскиот земјотрес со транскрипција на ракописните материјали и на дел од аудиоматеријалите снимени од Васил Хаџиманов во 1963 година. Станува збор за записи снимани во специфични околности на колективна траума непосредно по скопскиот земјотрес, на закопите и помените на жртвите. Овие архивски материјали биле необјавени и недостапни за пошироката јавност цели 60 години, па оваа јубилејна година е одлична можност тие конечно да бидат објавени. За потребите на оваа публикација, редактирани се и вклучени и фототипни изданија од неговите бележници (свески) и нотни записи, во кои самиот Хаџиманов успеал да мелографира и транскрибира дел од тажаленките, а другите пронајдени аудиоснимки дополнително се дигитализирани, транскрибирани и дешифрирани преку споредбено расчитување, сообразување и толкување, сложен процес што има цел да го зачува и ревитализира ова фолклорно и културно-историско наследство и за идните генерации.

Материјалите на Хаџиманов се надградени со фолклористичка анализа на Мартиноска и Иванов, која претставува редок обид за сеопфатно истражување на жанрот на тажаленките, како еден од најмалку прoучуваните жанрови во македонската, но и во балканската фолклористика. Тоа главно се должи на специфичноста на мртовечките обичаи и обреди. Анализата доминантно е насочена кон архивските и расчитаните материјали на тажачките песни на Хаџиманов, и тоа вклучувајќи ги следните поглавја: репрезентацијата на траумата низ мотивите на земјотресот, лирската рефлексија на социоекономската стварност, интимните и симболичките наративи во тажаленките, стилистичките и семантичките особености во поетиката на тажаленките и др. Книгата говори и за пејачките/редалките што ги изведуваат овие тажачки песни, за импровизациите на оплакување од страна на мајките и другите жени од семејствата на жртвите наспроти познатиот репертоар на тажачки изразни средства, за спецификите на тажаленките посветени на жртвите од земјотресот во однос на генералните карактеристики на жанрот воопшто. Истовремено, монографијата вклучува и статија напишана од самиот Хаџиманов за етномузиколошките особености на овие песни, но и за некои детали за процесот на нивно снимање непосредно по скопскиот земјотрес, како и потресни фотографии, дел направени од самиот Хаџиманов, дел од други извори.
Изданието е придружено со поговор „Фолклорен тестамент за скопскиот земјотрес“ од Александар Прокопиев, кој ќе рече дека специфичниот миг на смртта за кој се врзува чинот на импровизација во овие песни ги прави деликатни и тешки за проучување, дополнувајќи ги реткоста и особеноста на целиот проект.

– Јасно е дека овие траурни теми и вакви истражувања се раритетни за нашата фолклористика, што ја потврдува нашата увереност во научниот кредибилитет на нејзините автори Ана Мартиноска и Жарко Иванов, научници од Одделението за македонска народна литература при Институтот за македонска литература во Скопје и нивната посветеност кон „тешки“ задачи, кои науката ги поттурнувала на страна со децении. Со задоволство го препорачуваме овој монографски труд за читање не само на научната и стручна публика туку и на пошироката јавност засегната со прашањата на македонската народна култура, но особено со културната меморија за скопскиот земјотрес во 1963 г. како една од најболните точки во историјата на градот и државата. Оваа книга на Ана и Жарко е не само фолклористички научен труд, но и мементо мори за жртвите, за преживеаните, за болката, за поезијата, за народот, за градот во рушевини, за природната катастрофа, за човековата солидарност, за паметењето, за емоциите и спомените – вели Прокопиев. В.Д.