Фото: Горан Анастасовски

Од творештвото на писателката Славка Манева

Некогаш, многу одамна, се договориле самовилите и џуџињата од Самовилската Шума секоја пролет заеднички да го празнуваат најголемиот и најубав празник – Велигден. Затоа, секогаш на крајот на летото царицата на самовилите ги собирала жителите на Самовилската Шума на полјанката кај најстариот даб, за договор. Иако на полноќ полјаната била осветлена како да е ден од безбројните фенерчиња на светулките, сите жители на шумата – и џуџиња и животни и бубачки и птици – биле просто маѓепсани од убавината на самовилската царица. Таа блескотела од сребрените нишки на фустаните исткаени од пајачиња, а лицето ѝ било мило и нежно, осветлено од безбројните разнобојни зраци што се двоеле од круната на нејзината глава. Сите на полјаната занемено шепотеле: – Боже, боже, колку е убава!
Царицата со ѕвонливо гласче им се обраќала на присутните:
– Знаете дека најголемиот празник, Велигден, е дури напролет, но за него треба убаво и долго да се подготвуваме. Така ли е, мили мои?
-Така е! – одговарале сите.
– Не залудно тој празник е наречен Велигден – продолжила царицата. – Сега потрудете се да ги соберете јајцата што не се испилиле од сите птици во шумава.
И уште следниот ден почнало собирањето птичји јајца низ шумата. Собирале сите, и џуџиња, и верверици, и желки и сѐ живо и диво во Самовилската Шума. Ги носеле во празнината на стариот даб. А таму се собирале секакви јајца – и бели и жолтеникави, и со мали и со големи дамчиња – од сите можни птици. До зимата се направило едно големо купче во дабот.

Кога почнувало пролетното будење на шумата, земјата замирисувала на млада и свежа, штотуку никната трева, а на дрвјата се појавувале првите пупки. Птиците ги почнувале своите песни и целата шума треперела и црцорела пеејќи ја, сите заедно, пролетната песна за раѓање нов живот.
Пред Велигден џуџињата се упатувале кон селските градини и, со јаженца исплетени од тревки, ги врзувале на цвеклата што ги одбирале за корнење. Во темнината на ноќта се слушало само крцкање на жилките што се кинеле од нивните корења. Потоа со јаженцата, откорнатите цвекла ги влечеле до шумата. Со мало ноже, заборавено од некој дрвар, како со голема пила, го преполовувале секое цвекло и, уморни, но задоволни, седнувале наземи. Веднаш по нив слетувале клукајдрвците и длабеле дупчиња во цвеклото. Верверичките, раскикотени, ги носеле малите птичји јајца, ги оставале во издлабените дупки и тие веднаш се бојосувале во убава црвена боја.
– Леле – се восхитувале сите. – Оваа година јајцата се поубави и поцрвени од лани!
Најцрвеното и со најубави дамчиња јајце, по обичај, ѝ го подарувале на самовилската царица. Така почнувала во Самовилската Шума радосната вест заради велигденските празници.

На Велигден сите шумски жители се собирале уште рано изутрина кај стариот даб. Тоа бил единствениот пат во годината кога тие излегувале од своите домови прекуден. Биле сигурни дека, бидејќи е голем празник, нема да намине ниту овчар, ниту дрвар во шумата. И сите радосни и безгрижно развревени, почнувале да се чукаат со црвените јајца. Птиците ги пееле најубавите песни, пеперугите летајќи танцувале, а танцувале и самовилите и џуџињата фатени за раце. Веселбата траела целиот ден и дури приквечер се прибрале во своите домови, уморни и сонливи, но со исполнети срца од љубов и радост што ги раѓа големиот празник Велигден.

(Од книгата „Трите самовили“)