ТАЛЕНТИ

Платото пред Народниот театар во Гевгелија, во четвртокот вечер одекнуваше од звуците на младите гитаристи, кои изминатите пет месеци вредно вежбаа под будното око на нивниот наставник Костадин Динев, басист на една од најдобрите македонски рок групи- „Зијан“.
На својот прв настап пред публиката, со изведба на домашни и странски популарни песни, тие ги разгалија срцата на присутните и докажаа дека трудот што го вложиле, доколку продолжат да вежбаат, ќе резултира со појава на некој нов гитарски идол на македонската музичка сцена.
– За мене, оваа школа беше слатко задоволство, затоа што можев да им го пренесам моето знаење на младите од Гевгелија, а знаеме дека на овие простори секогаш имало и ќе има добри музички таленти. Се надевам дека и некои од младите гитаристи што настапија вечерва, во иднина ќе станат и професионални музичари и ќе го продолжат она што се нарекува гевгелиска рок-школа – изјави на крајот од концертот гордиот наставник Костадин Динев.

Љ.А.