Со спорт и рекреација до подобро здравје

Сакаме ли да имаме здрава нација, здрави поколенија? Вакви и слични дилеми имаат и многу побогатите, поорганизирани и на спортски план многу поуспешни земји и работат на нивно решавање. Тоа значи дека нема некоја успешна и проверена формула што ние во Македонија би ја пресликале и би ја приспособиле на домашните услови. Потребно е да бараме и да најдеме свој уникатен начин на менаџирање на спортот, да ги искористиме расположливите капацитети, какви и да постојат, да престанеме со импровизациите и да се фатиме за работа

Каков спорт сакаме во Македонија, рекреативен/масовен, аматерски, професионален/елитен, индивидуален, односно тимски? Или попрецизно, каков можеме да имаме, да негуваме, да финансираме. Сакаме ли да имаме здрава нација, здрави поколенија? Вакви и слични дилеми имаат и многу побогатите, поорганизирани и на спортски план многу поуспешни земји и работат на нивно решавање. Тоа значи дека нема некоја успешна и проверена формула што ние во Македонија би ја пресликале и би ја приспособиле на домашните услови. Потребно е да бараме и да најдеме свој уникатен начин на менаџирање на спортот, да ги искористиме расположливите капацитети, какви и да постојат, да престанеме со импровизациите и да се фатиме за работа.
За властите на Македонија декларативно спортот е „важна алка што придонесува кон развој на прогресивно и инклузивно општество, овозможува социјална интеракција и позитивно влијае во ширењето на основните етички принципи кај сите категории граѓани, посебно кај младите луѓе“. Надлежните честопати најавуваа дека објектите за спорт, кои дваесетина години се предмет на манипулации и експлоатации и се користат за сè само не за основната намена, односно за комерцијални цели, ќе им ги врати на спортистите, на младите и на граѓаните. Но тоа некако тешко оди.
Покрај недостигот од јасна и долгорочна стратегија за развојот на спортот во Македонија (и парите се разбира) постои недостиг од квалитетни спортски објекти, од сали, базени итн. Во лето актуелно е пливањето и во тој контекст којзнае по кој пат повторената констатација дека базените се бројат на прстите од едната рака и што е уште полошо, активните пливачи во клубовите мора да плаќаат високи влезници за да тренираат, повисоки и од оние за рекреативците. „Да го дадеш своето дете или деца да научат да пливаат во Македонија треба да си многу богат, а за да тренираат посериозно и да може да се мерат со пливачи од други земји треба да си милионер. Јасно е дека трошоците се зголемени, но сепак вакви цени за клубови и пливачи нема на ниту еден базен во светот. Рекреативец плаќа иста цена на влез на базен, како и пливач што доаѓа на тренинг секој ден во клуб каде што плус плаќа членарина и ја претставува државата. Само во нашата чудесна земја“, напиша на својот фејсбук-профил Евгениј Поп Ацев, трикратниот светски првак во маратонско пливање и победник на Охридскиот маратон.

Слично е и со атлетиката. Најдобрите македонски атлетичар(к)и тренинзите ги прават на отворено, во импровизирани услови. Тартанот на арената „Тоше Проески“ во Скопје и на стадионот „Билјанини извори“ во Охрид се двете локации на кои може квалитетно да се тренира, и тоа не секогаш. Затворена сала е многу потребна, но засега е само сон, иако според некои пресметки би чинела околу еден милион евра, што е ништо со споредба со она што се троши за низа непотребни работи.
Пред некоја година, Еуростат објави дека 28 земји на Европската Унија за спорт и за рекреација издвоиле над педесетина милијарди евра. На последното место на таа листа била Хрватска (на првото Норвешка), која учествувала со само 0,1 отсто или со 55,1 милиони евра, односно со 13 евра по жител (европскиот просек е 100 евра). Македонија ја нема на таа листа, но ако се знае дека спортскиот македонски буџет е многу помал од хрватскиот тогаш многу работи стануваат појасни.
Во доменот на спортот важна алка е рекреативниот, кој ги опфаќа сите возрасни категории и може да се практикува во сите временски периоди. Македонија, како и во многу други области и дејности, и во рекреативниот спортски дел каска зад најразвиените земји, како според парите што се издвојуваат за оваа намена така и според инфраструктурата, иако последните години некои работи се подобрени.
Во едно истражување на германски спортски економисти се наведува дека преку рекреативниот спорт директно се подобруваат здравјето на населението, физичкиот изглед, квалитетот на човечкиот капитал и т.н. меки вештини важни на работното место, како што се самодисциплината, издржливоста, справувањето со стресот и тимската работа.

Во доменот на спортот важна алка е рекреативниот, кој ги опфаќа сите возрасни категории и може да се практикува во сите временски периоди. Македонија, како и во многу други области и дејности, и во рекреативниот спортски дел каска зад најразвиените земји, како според парите што се издвојуваат за оваа намена така и според инфраструктурата, иако последните години некои работи се подобрени

Во контекст на спортот и рекреацијата на сите нивоа, неизбежна е дебелината кај најмладата популација. Во земјите од Европската Унија и не само таму, физичката неактивност и дебелината стануваат сè поголем проблем. Според еден извештај на Светската здравствена организација (СЗО), физичката неактивност е меѓу водечките фактори за смртноста кај луѓето, покрај високиот крвен притисок, високиот процент на шеќер и пушењето цигари. Во Македонија една анкета покажала дека речиси 70 отсто од децата на рана школска возраст имаат преголема тежина. Тука редовната физичка активност може многу да помогне да се спречи и да се намали телесната тежина.
Но и покрај најразлични истражувања, проблемот станува сѐ поголем и поголем и сите се жалиме на тоа какви се нашите поколенија. Која е причината? Постои ли стратегија за решавање на овој сериозен проблем, особено во Македонија? Прашањето е до кој степен и како влијаат врз децата стереотипните програми за физичко образование поредовно и поквалитетно да се занимаваат со спорт? Како да се одвојат децата од компјутерите и од електронските игри со кои се преокупирани и да се анимираат повеќе да бидат физички активни? Проблемот е повеќеслоен, и не е само до државата, до политиката, до парите, тој е во сите нас и околу нас.
Потребна е национална стратегија, но и акција за решавање на проблемите. Секоја држава својата иднина треба ја гради врз здраво население, што е потреба, а не луксуз на 21 век.