Нацртала Нина (8 г.) ОУ „В.Ц.Трена“-Скопје

Ви претставуваме хаику поезија од писателот Александар Прокопиев

1
Пет ноќи празен
домот остарел за цела
една година.

2
Сонив ангел.
„Ќе те излечам
со смеа“,
рече. И кивна.

3
Баба ми,
верував тогаш,
е бел ангел.

4
Со грб кон езеро
зафатен со мејлови.
Странец на одмор.

5
Низ сончев зрак
рингишпил од
мушички
во чест на Велигден.

6
Солза на дланка.
„Чувај се од вода“,
гатачката ми коби.

7
Пржам риба.
Мачката ме гледа
в очи.
Како свекрва.

8
Мачор на прагот.
„Пис!“, му вели
дедото.
Дедо на прагот.
9
На уво ми слета
комарец, ситен и слаб.
Па, ред е да касне!

10
Потпрен, си гледам:
се перат во виор
кружен
гаќите мои.

11
Букет на клупа.
Понадица за следниот
осамен шетач.

12
Планинарски дом.
Само чекор од окото,
уште цел час од.

13
Пролетта дојде.
Кој тоа таму пее?
Гарванот, весел.

14
Заскитал момчак
во темни, густи шуми:
„Е, да бев волк!“

15
Откаде ти тука?
Далеку е паркот,
верверичке!

16
Маца на покрив
и два жолти мачори.
– љубовен проблем!