Во четвртиот број на списанието „Полжавче“

Неодамна излезе од печат четвртото издание на годишното списание за деца „Полжавче“, кое се објавува во рамките на проектот „Слоу фуд училишни градини“, а го објавува „Слоу фуд Македонија“.
Станува збор за списание што третира теми поврзани со организирањето училишни градини во училиштата, како училници на отворено и едукативни алатки, а и теми поврзани со производството на еколошка храна, екологијата, биодиверзитетот и климатските промени.

Носечка тема на четвртиот број се градините и облиците на градини што постојат, а за неколку типа од нив во списанието пишува архитектот м-р Даме Димески. Особено значење им е дадено на детските и училишните активности, бидејќи целта на проектот и на списанието е да се поттикне создавање што повеќе училишни градини низ Македонија. Во досегашното десетгодишно постоење на проектот се вклучени над дваесет училишта. Списанието ја одбележува и стогодишнината од раѓањето на агрономот и пејзажен архитект Драган Шојлевски, кој е заслужен за создавањето на Градскиот парк во Скопје и на многу други важни зелени површини во Македонија. Секако, освен научните текстови, има и здрави рецепти, крстозбор, активности со боење и поврзување, раскажување низ слики…

Овој број својата меѓународна соработка ја оствари преку интервјуто со проф. д-р Бранка Лазиќ, основоположничка на органското производство во Југославија и денешна Србија, и преку текстот на д-р Славица Самарџиќ од Република Српска, посветен на руралниот туризам и вклученоста на младите во неговиот развој.
– Уште од првиот број, „Полжавче“ е списание што не се наметнува, трпеливо чека цела година, да го сумира сработеното, но и да создаде висококвалитетни едукативни содржини и да собере мошне истакнати соработници од Македонија и пошироко и сето тоа добро да го претстави, за да стане списание што се чита и се чува и списание чии содржини се еднакво интересни за децата, за родителите, за наставниците и за луѓето што професионално или рекреативно се занимаваат со земјоделството, екологијата, здравата исхрана – вели Филип Димкоски, главен и одговорен уредник на „Полжавче“.
Печатеното издание ќе биде доставено до сите училишта што се вклучени во проектот „Слоу фуд училишни градини“, а ќе може да се најде и на страницата на „Слоу фуд Македонија“ во електронска форма. За продажба, засега ќе биде достапно на настаните на „Слоу фуд Македонија“.

Редакцијата ја сочинуваат: Василка Стефановска, Јасна Ѓорѓиевска, Николче Николовски, проф. д-р Билјана Гвероска, м-р Гоце Бумбароски и Наташа Неданоска. Стручни соработници се м-р Даме Димески и м-р Тодорка Наумоска Димески.
Соработници од мрежата „Слоу фуд“ се Драган Петрески, Гордана Цветаноска, Александра Лозановска и Елизабета Мемиќ.
Лекторка е Марина Геческа Василевска, илустрациите се на Филип Цакоски и Владимир Здравески, а целосното техничко уредување и графичко обликување на Горан Трсунов.
Печати „Бабук“ од Битола. Ова издание на „Полжавче“ е реализирано со финансиска поддршка на Министерството за животна средина и просторно планирање.