Нови изданија за деца
Со почетокот на новата учебна година, педагогот Софија Петковска ја издаде својата книга „Едно слонче со црвено балонче“, наменета за младите читатели. Нејзиното прво дело е поетска книга за возрасни со наслов „Поетски нежности“. Петковска е позната и како координаторка на проектот „Твори – читај – биди хуман“.
Книгата „Едно слонче со црвено балонче“ е составена од три дела, кои се одделени со поднаслови и умни цитати, кои имаат цел да ги поттикнат децата да читаат.
– Во првиот дел, децата ќе имаат можност да се запознаат со поезијата, читајќи ги 12-те песнички, кои со голема љубов ги напишав за нив. Во вториот дел, тие ќе може да се запознаат со сказните како литературен елемент, т.е. за нив напишав пет сказни, кои секогаш завршуваат со поука, односно целта на овие сказни ми беше децата да научат лекции што ќе им бидат од животно значење, знаење што ќе им помогне да пораснат во здрави и интелигентни возрасни луѓе. И третиот дел содржи гатанки, кои се пренесуваат од генерација на генерација, а напишани се во оваа книга, бидејќи сметам дека народните умотворби не треба да исчезнат. А со секое нивно запишување и постојано читање, ние им даваме живот, одново и одново – ни рече младата авторка Софија Петковска.
Гатанките се запишани на тој начин што детето мора самото да го запише одговорот, а до него лесно може да дојде бидејќи за секоја гатанка има цртеж, кој може да го обои и, всушност, цртежот е одговорот на гатанката, што значи, во овој трет и последен дел од книгата, детето има и боенка, креативен дел за забава и релаксација.
Книгата е за деца на возраст од три до 14 години и убаво би било да биде дел од секоја градска библиотека, училиште или градинка, бидејќи е корисно педагошко нагледно средство.
Ф.Д.
Едно слонче со црвено балонче
Оваа песна обична не е,
таа за љубовта зборува, пее.
Ова е песна за едно дебело слонче
кое со сурлата си носеше
црвено балонче.
Каде и да оди,
каде и да шета,
своето балонче
сакаше низ небото да го лета.
Зошто токму црвено,
а не е розово или сино?
Сите се прашуваа и за оваа глетка насекаде кажуваа.
Црвената боја е топла и мила,
ме потсетува на мама и ми
дава сила,
таа ми го подари
ова балонче,
одговори среќно малото
слонче.
Балончето е црвено ко љубов,
тоа во срцето ме топли на
студов,
кога мама не е тука близу
да ми подаде рака,
ова балонче е знак дека иако далеку, мама секогаш
ќе ме сака.
Каде и да одам,
каде и да шетам,
со мене ова балонче секаде
го летам.
А и кога пак кај мама ќе се
вратам,
балончето сѐ уште си го сакам.
тоа е за љубовта знак,
со мене секаде и секаде,
пак и пак.