Етика за млади

Колку е подобро кога се покажуваат храброст и решителност отколку страшливост и малодушност! Храброста значи отвроено да се реши прашањето, а не да се одложува соочувањето со него. Храброста е отфрлање на стравот што го носи секој проблем, исправање пред него и започнување со расчистување на тешкотиите што оневозможуваат тој да биде совладан.
Храборста значи да не се одложува она што е нужно да се стори, туку да се направи тоа навреме, тогаш кога уште не создало многу неволји. Храброст е кога човековите сили се ставаат во служба на најдоброто за личноста и за другите луѓе, а не да се остават тие неактивирани, да останат запретани пред тешкотиите.
Со храброста човекот застанува на страната на доброто наспроти злото. Тоа претставува не само спротиставување на она што не чини и на оние луѓе што прават лоши работи. Тоа е истакнување на подоброто наспроти полошото и недозволување да се развие нешто зло. Затоа храброста е бранење на моралната страна и ангажирање на етичките сили, толку колку што е потребно и самиот човек и луѓето околу него да ги почувствуваат благодатите на добрината.
Храбар може да се биде во откривањето на вистината, во незатворањето на очите пред неа и пред она што уште никој не го согледал. Смел е оној што не се плаши да ги стори доброто, справедливото и исправното, дури и ако некому тоа не му се допаѓа, дури и ако мнозинството го прави спротивното, па дури и ако него го тераат да постапува лошо. Херој е оној што не се стега своите сили да ги употреби за општо добро. Јунак, пак, е оној за кого најголемата опасност е да не се стори она што е најпотребно.
Германскиот филозоф Фридрих Ниче кажал дека вистински херој е оној што има храброст да ја поднесува својата судбина. Мнозина луѓе ретко имаат можност да станат големи народни херои, но многу од нив се јунаци на своето живеење.

Автор: проф. д-р Кирил Темков


Етичка мисла

За малодушните и сѐ е ништо, за храбрите и малку е многу.

Јеремија Готхелф, швајцарски писател