Фото: freepik

Од творештвото за деца на писателката Сузана Мицева

Среде поле мравки
чети минат
сложно одат на трибина.
Ќе гласаат ова лето
кој ќе им биде кметот.
Сѐ течеше мирно, бавно,
до првиот мравји говор.
Една мравка зеде збор:
„Мора да е миротвор!
Таков треба да е кметот
да не ни се смее светот!“
Друга мравка
простор бара
подготвена и да се скара:
„Треба да е на добар глас,
така барем си мислам јас.
Секој има нели право
да си го каже овде ставот!“
Трета ноќ еве пројде
до договор не се дојде.
Мравките сакаат кметот
да е најдобриот на светот.
И никако ни да стивнат
да одморат или здивнат
си тераат голем инат
саде вреват штом зинат.
И сфатија тие така –
И да пројдат лета пет –
пак ќе си се без свој кмет.
Се смирија и пак назад –
по полето кроце лазат.
Не е грешка ниту грев,
да се нема кмет и шеф.

Фарма

Во дворот на баба Нада
животните се на
барикада.
Штрајкуваат пред
баба и дедо
и бараат да се смени
редот!
Фармата е за
трансформација
И поврзување со
цивилизација!
Прв услов да се реши
спорот –
компјутер треба да има
во дворот.
Се разбира и еден
телефон,
по можност да е
најнов ајфон.
Една кокошка
со приговор се здаде:
„Не може така, драга
бабо Наде,
сѐ што треба молам да ни се даде.
Да имаме барем интернет
да не гледа сиот свет.
Колку пилиња сама
јас „вадам“
како и што дневно јадам
и уште молба имам
најдоцна до оваа зима
и петелот мој строен –
со Фејсбук да е споен“.
И прасето истегна става:
„И јас имам свои права.
Зар не ви е малку жал
што цел ден лежам во кал.
Барам када со вода
и туш по последна мода.
Се разбира и помади
разни
копитата да ми се мазни.
На фармава многу се
збори -Инстаграм да ни се отвори“.
А кучето на тоа рече:
„И камера да ставите
до вечер.
Неа штом ќе ја имам
и видео можам да
снимам.
Кога ќе трчам и лаам
по нешто
доказ ќе имате за сѐ
и сешто.
Натрапникот на Јутјуб
ќе се стави
во полиција да се
пријави“.

Гладен клукајдрвец

Во шумата, отаде градот –
одамна владее гладот.
Студено е и сѐ е суво –
тивко е, мошне глуво.

Само еден звук се шири
небаре штурецот свири.
Но, одблизу не е штурец –
туку тажен
клукајдрвец.

Шарениот
клукајдрвец
клука, чука, бара
црвец.
И дрвото ќе го сотре
за оброкот да го допре.

Дојде есен, падна
слана
сѐ помалку има храна,
а штом снегот
стави слој –
долго гладен ќе е тој.


За авторката

Сузана Мицева е писателка, која, освен за возрасни, сѐ почесто со своите дела им се обраќа на децата. Родена е во 1987 година во Струмица и е дипломирана економистка, но веќе дваесетина години работи како новинарка и уредничка во регионалната телевизија Вис во Струмица. Веќе петнаесетина години таа е дописничка на националните телевизии во земјава од југоистокот на Македонија, а во моментот известува за Телма. Авторка е на неколку документарни филма. Сценаристка е на серија струмички народни приказни екранизирани во 2015 година од здружението за култура „Сцена“ и ТВ-канал Вис.
Во 2015 година ја доби наградата „Антологија на болката“ за необјавена љубовна поезија, во рамките на „Рациновите средби“. Во 2017 г. ја доби првата награда на интернационален конкурс за поезија во Софија – „Лирски гласови“. Таа беше и второнаградена на конкурсот за литературното признание „Јован Котески“, што го објавува ревијата „Бранувања“ од Струга. Во рамките на „Струшки книжевни средби“ беше промовирана нејзината поетска збирка „Молитвеник од претходниот живот“.
Поетесата и новинарка Сузана Мицева лани во декември во Центарот за култура во Струмица ја промовираше својата најнова книга „Букварче мое другарче“, во издание на „Просветно дело“, наменета за читателите од раноучилишна возраст.
Поттик за Сузана постојано да твори за децата е соработката со издателството „Детска радост“.