Некои прилепски основци и средношколци, како и наставници, оние што имаат афинитети за изучување јазици, ќе имаат можност доброволно да ги изучуваат кинескиот јазик и кинеската култура и обичаи, благодарение на веќе воспоставената соработка на Општина Прилеп со Амбасадата на Република Кина и со институтот за кинески јазик „Конфуциј“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје.
Претставници од институтот за кинески јазик „Конфуциј“ имаа средба со директорите од основните и средните општински училишта, на кои им ги пренесоа можностите и идејата за едукативната соработка. Наедно, двете страни потпишаа и меморандум за соработка, преку кој се изразува подготвеност за заемна помош и поддршка во користење на кадровските и стручните можности од двете страни.
Некои од прилепските ученици и наставници што сакаат да ги збогатат своите јазични знаења и да научат за источната култура ќе можат да ја искористат оваа ретка шанса да се запознаат со поинаков јазик од европската група на јазици, со кој секојдневно се среќаваат, да дознаат повеќе за источната, кинеска култура и обичаи, а од познавањето странски јазик нема штета – тоа е големо богатство за секој човек.
Соработката ќе се одвива преку едукативни активности, организирање културни настани, семинари, работилници во кои ќе бидат вклучени прилепски ученици и наставници од општински училишта.

Дека соработката со кинескиот народ е подолгорочна говори и фактот што Општина Прилеп пред десетина години се збратими со кинескиот град Дејанг од кинеската провинција Си Чуан, за остварување економска соработка. За време на пандемијата, од збратимениот кинески град општината доби донација од 200 заштитни костими како помош од кинескиот народ, а со кинеска донација од 300.000 евра, добиени од кинеската влада, пред една деценија прилепското ООУ „Гоце Делчев“ беше комплетно реновирано.

Ка.М.