Во актуелниот политички миг само во Владата има повеќе од 50 отсто министри Албанци, без да се анализира нивната застапеност по надолната вертикала во државните и јавните институции, а тоа, според низа оцени, е многу повисоко дури и од амбициозниот Охридски договор. Според нашите соговорници, провокацијата што Касами ја упати со своето последно интервју е повеќе во насока на радикално менување на концептот и карактерот на државата отколку за некакви права

Албанските политичари во Македонија сѐ уште зборуваат за права, а забораваат на обврските спрема државата

Дваесет и две години по Охридскиот договор, имплементиран во македонскиот устав, политичарите од албанскиот блок партии во Македонија сѐ уште имаат амбиции „колачот на малцински права“ да го месат како „колач за вториот конститутивен народ“, имено за Албанците. Тоа ги надминува и волуменот на Охридскиот договор и уставните амандмани што произлегоа од договорот. Испорачаните барања во овој политички момент се совпаѓаат политички со барањата на Софија за деноминирање на македонскиот народ, унитарноста на државата и целосно редефинирање на нејзиниот карактер.
Имено, лидерот на движењето Беса и градоначалник на Тетово, Билал Касами, во ирационалниот настап за актуализирање на темите за неисполнети малцински права на Албанците во Македонија, пронајде споредба со статусот на Србите во Косово. Според Касами, Србите во Косово имале многу поголеми права од Албанците во Македонија, кои, пак, не биле малцинство, туку „втор мнозински народ по македонскиот“?!
– Косово е една од нашите соседни држави, со мнозинско албанско население таму. Косово е една од ретките држави што може да бидат пример во делот на демократијата и човековите права. Значи, правата што ги има српското малцинство во Косово се многу, многу далеку од правата што ги имаат Албанците, иако се, нели, втор мнозински народ во Македонија, по македонскиот народ. Така што Косово ни е нам како пример како ние во Македонија треба да се однесуваме во делот на градењето на државата и на меѓуетничките односи – изјави неодамна Касами во интервју за македонското дописништво на еден американски медиум.
И во ова медиумско излагање Касами уште еднаш ја потврди својата посветеност и фасцинација од соседно Косово, настојувајќи да ја вовлече Македонија во косовските предизвици на внатрешен и меѓународно-политички план, дури поставувајќи го како модел на кој треба да се угледаме. Во текот на изминатото лето Касами направи неколку политички провокации во Македонија, при посетите на косовските политичари, претседателката Вјоса Османи и премиерот Албин Курти, однесувајќи се како да не е градоначалник на општина во Македонија.
Сепак, предизвикот провокација што Касами го упати со своето последно интервју е повеќе во насока на „пребарување“ кои права на Албанците во Македонија, како малцинство, не им се исполнети, кога во актуелниот политички миг само во Владата има повеќе од 50 отсто министри Албанци, без да се анализира нивната застапеност по надолната вертикала во државните и јавните институции.

– Ваквите провокации на национално-етничка основа, врз наративот на „закинати малцински права“, се вообичаени во албанскиот блок партии, особено во опозиција, кога наближуваат избори. Касами ја пресретнува со време таа предизборна битка и ги истиснува, ги „цеди“, последните капки од тридеценискиот наратив кај Албанците во Македонија дека се потиснати и онеправдани во нивните малцинско-граѓански права. Уште за кои права треба да се изборат Албанците во Македонија, кога веќе на големо се надминати сите права што им беа гарантирани со Охридскиот договор. Всушност, ваквата реторика не е наменета за македонската политичка јавност и гласачи, туку пред сѐ спрема албанското гласачко тело пред изборната битка во албанскиот блок партии, предводени од ДУИ, која е повеќе од 20 години на власт. Очекувано е во таква политичка битка, внатре во албанскиот блок партии да се посегнува по остатоците од колачот за недостиг од граѓански права на Албанците. Доколку некој албански политичар во Македонија настапи принципиелно и на пример побара сите да ги плаќаат даноците и вети дека нема да има никаква толеранција спрема неплаќачите – сосема неверојатно е дека би предизвикал интерес, а не пак да добие гласови кај албанскиот електорат. Во суштина пристапот на Касами спрема албанскиот електорат во Македонија е безидеен – вели универзитетскиот професор, социологот Илија Ацески.
Професорот Ацески смета дека брзањето и барањето на Касами да се избрише уставната категорија за малцинства од 20 отсто е поради состојбите од теренот дека младите Албанци од Македонија масовно се иселуваат, па реална е опасноста нивната бројност да падне и под тие 20 отсто.
Историчарот Александар Литовски смета дека обидот за политички новоговор во политичките позиции на Касами, како споредбата на правата на Албанците во Македонија, со правата на Србите на Косово, па „втора мнозинска заедница“ наместо малцинство и препорака за угледување на државотворноста на Косово…, сепак е само стандардно однесување на албански политичар во Македонија, кој манипулира со национализам за добивање гласови од албанскиот електорат.

– Бесмислени се тие наративи за недостиг од права на Албанците во Македонија, со кои политичарите од албанскиот блок сѐ уште ловат гласови. Еве, нека пробаат да набројат кои права им се загрозени и во кој граѓанско-политички сегмент се загрозени. Всушност, никој од нас во Македонија не мора ништо да каже. Сите знаеме дека е исполнето сѐ, па и повеќе од тоа што беше гарантирано како права за малцинствата со Охридскиот договор. Уште подобро, странските претставници во Македонија, кои им гарантираа спроведување на правата како етничко малцинство наведени во Охридскиот договор, нека кажат што од наведеното не е исполнето. Крајно време е да реагираат и странците што го гарантираа Охридскиот договор за однесувањето и манипулациите на албанските политичари во Македонија – вели историчарот Александар Литовски.