Фото: Општина Кавадарци

Слончето Дамбо е одлична приказна, која покажува како своите недостатоци да ги претвориме во предност, Петар Пан испраќа порака дека животот не треба секогаш да го сфаќаме сериозно, а Пинокио ни порачува да го слушаме инстинктот

ВРЕМЕПЛОВ – Што нѐ учат цртаните јунаци

Антологиските анимирани филмови, како што се оние за Пинокио, Аладин, слончето Дамбо, Могли или Петар Пан, кријат во себе важни лекции од кои најмладите, но и оние повозрасните, може да откријат вистински морални вредности и да научат како да се снајдат во одредени животни ситуации.

Пинокио нѐучи да му веруваме на инстинктот

Малото дрвено човече Пинокио во приказната на Карло Колоди, оживеана во многу дела, па и во долгометражен цртан филм за него, во продукција на „Дизни“, наидува на голем број искушенија. Во еден момент, по наговор на другите, решава да го напушти училиштето. Но неговата мрзеливост ќе го претвори во магаре. Сепак, штом ќе престане да ги слуша другите, неговиот живот ќе се смени од темел. Моралната поука на оваа животна приказна е дека секогаш треба да го следите својот инстинкт и да постапувате според совеста.

Дамбо ни покажува како да се однесуваме кон уѓето

Симпатичното слонче Дамбо има премногу големи уши, поради што другите му се исмеваат. Но тие не знаат дека слончето со тие уши може да лета, а без нив би било само обичен слон. Од него можете да научите како да се однесувате кон луѓе поинакви од вас и како своите недостатоци да ги претворите во предности.

Петар Пан ни порачува дека треба да се забавуваме

Приказната за вечното момче Петар Пан, кој не сака да порасне, нѐ учи дека во секој возрасен човек се крие едно дете. Важно е да знаеме да се опуштиме, да бидеме весели и да не го сфаќаме премногу сериозно животот. Колку повеќе се забавувате, ќе бидете поздрави и поведри.

Могли ни вели да заборавиме на самосожалувањето

Малиот Могли, кого родителите го напуштиле, го спасиле волците. Во џунглата го прифатила и го штитела црната пантерка, а негов најдобар пријател била мечката, која го чувала од лошиот тигар. Приказната за загубеното дете Могли ни покажува колку се важни пријателите во животот, особено во тешките моменти. Оние вистинските ќе останат со вас без оглед на сѐ. Освен тоа, приказната за Могли покажува дека во животот никогаш не треба да се помируваме со судбината. Треба да пронајдеме внатрешна сила и да не се сожалуваме.

Пораката на Аладин е дека секогаш треба да си останеме верни на себеси

Аладин се вљубува во убавата принцеза Јасмина, но стравува дека таа нема да го сака затоа што е обичен смртник. Случајно наоѓа волшебна ламба од која се појавува добриот дух, кој ја исполнува неговата голема желба и го претвора во богаташ, само да дознае дали Јасмина го сака него, а не неговото потекло. Приказната ни покажува дека секогаш треба да си останеме верни на себеси, а ако некој нѐ сака, ќе нѐ сака онакви какви што сме, со сите наши доблести и мани.