Фото: Маја Јаневска-Илиева

Најново од творештвото за деца на писателот Александар Прокопиев

Овој сон ми се случи лично мене, на Јанко Јоноски, ученик во 3-a одделение.
Признавам, порано никако не успевав да ја засакам книгата. „Стар ворс“, тоа да, можам да го играм цел ден, ама со книгите имав проблем. Но, по сонот, како да се премислив. Ми светна дека читањето не е толку лошо.

А еве како се одвиваше сонот:
Среде шума ме пресретна назабен волк:
– Јас сум, како што ти е добропознато, Волчко Лошко. Зошто бе, не ги учиш наизуст песничките од лектирата?! Е, затоа ќе му го кркаш. Подготви се да те лапнам.
Ја расчепи својата истрозаба челуст и се нафрли врз мене. Се здрвив од страв, ама сепак некако се извлеков и, на врат на нос, бегај што подлабоко во шумата.
Кога таму, еден огромен Мечок.

– Ми дојде палче на мегданче – загрми. – Секако знаеш кој сум. Мечокот лично! Единствениот, најголемиот! А ти, прдле едно, не се потруди да ги научиш лекциите. Од А до Ш! Ќе те згмечам како мравка.
И почна да гази со своите џиновски стапала. Одвај се спасив, па трчај, трчај, истрчав на една полјана.
А на полјаната една госпоѓа Птица, невообичаено висока, вообичаено црвена и со долги канџи. Проникливо, но сурово ме погледна и уште посурово запраша:
– Знаеш кој сум јас? Јасно ти е, нема потреба да се претставувам. А ти, мрсулко, не се потруди барем пет мои романи да прочиташ. Ќе ми платиш за тоа. Очите ќе ти ги исколвам.

Сета стрвна, се нафрли врз мене, и само со краен напор, успеав да ѝ киднам. А што друго ми преостана освен да бегам. Право во џунглата.
Кога таму, еден жилав лав со густи веѓи и брада. Нешто пишува. Љубезно го поздравувам, тој вели „здраво“ без да ја подигне главата.
– Може да видам? – го прашувам одзади неговиот грб.
– Може, може – одговара расеано.
Ѕиркам, гледам – пишува нешто како приказна. Насловот ѝ беше – „Волк“!
Ред по ред, ја прочитав целата приказна. Стануваше збор за едно дете, кое, како и јас, Јанко, сонувало. Посакало детето да јаде пилешко. А имало многу страв од волци. Во сонот му се појавил еден таков страшен волк, па му рекол дека тоа, детето, за него е пиле и ќе го голтне исто така како што тоа лапа пилешко. Откако се разбудило, мртво уплашено, детето си ветило дека никогаш повеќе нема да касне пилешко.
Така и јас, Јанко Јоноски, веднаш по овој сон се заколнав во Чубака од „Стар ворс“ дека ќе ја засакам книгата, ќе почнам да читам и никогаш не ќе ми се случи да ги заборавам нашите големи писатели. Најпрво се нафрлив да ги прочитам басните на Лав Николаевич Толстој.