Фото: Фејсбук-страница на СУГС „Браќа Миладиновци“-Скопје

Тие прекрасни суштества

Во средното земјоделско училиште „Браќа Миладиновци“ во Скопје среќно започна второто полугодие од оваа учебна година. Имено, во нивната фарма, која е сѐ побогата и поинтересна, во едно деноноќие се окозиле седум јариња.
– Во нашето училиште убавите работи се случуваат од час на час, од ден на ден… Нашите ученици и наставници уживаат. Сите сме среќни што сме дел од ова училиште – велат од училиштето.
Пренесувајќи ја оваа убава вест, во оваа пригода, драги деца, сакаме да ве запознаеме со неколку интересни податоци за козите, преземени од порталот на училиштето.

Коза

Козата (на латински Capra aegagrus hircus) е првото припитомено диво животно од страна на човекот. Според ДНК-анализите, тоа се случува во младото камено време (неолит).
Во тој период од праисторијата, човекот почнува да обработува земја, да гради живеалишта и населби со постојана местоположба, како и да припитомува животни. Ги собира стадата диви кози пред сѐ заради млеко и месо. Тоа се случува на подрачјето на Блискиот Исток, Азија и Источна Европа.
Припитомувањето доведува до морфолошка промена на скелетот и на роговите, како и комплетно помала големина за разлика од дивата коза. Козата ѝ припаѓа на фамилијата цицачи, во групата преживари, и постојат повеќе од 300 посебни типа кози.

Овцата и козата се во многу блиско сродство. Козите се многу застапени во земјите со екстензивно земјоделско производство. Во последните години бројот на кози расте и во високоразвиените земји поради квалитетот на нивното млеко, особено за луѓе нетолерантни на кравјо млеко. Козјото млеко е поздраво од кравјото и полесно се вари во човечкиот организам. Козата дневно дава и до три литри млеко, а со оглед на нејзината големина, таа дава најмногу млеко во однос на сите други животни. За исхрана, најмногу сакаат да брстат лисја и гранки. Доколку ги имаат на располагање сите делови од растенијата, козите ќе јадат 60 отсто лисја и стеблести растенија, а само 20 отсто трева. Тие ретко ќе изедат извалкана храна или загадена вода, освен ако не се соочат со глад.

Но, по природа многу се љубопитни: ќе џвакаат и ќе вкусат нешто што можеби личи на растителна материја; ќе пробаат дали може да се јаде картон, облека и хартија. Козата најчесто се пари наесен и по 150 дена вообичаено раѓа од едно до три мали. Малото се нарекува јаре. Мажјакот (наречен јарец) постигнува полова зрелост на пет месеци, а женката на седум месеци. Животниот век на козите е помеѓу 15 и 18 години.
Покрај основната функција, одгледување заради млеко и месо, денес во светот постојат и други причини. Во Северна Америка постојат компании „Рент а гоат“, кои ги изнајмуваат своите кози за „чистење“ на сувите треви, грмушки и бршлени од местата подложни на пожари, особено на ридовите околу Калифорнија. Со оглед дека козите се „машини за јадење“, тоа го прават со посебна сласт.