Илустрација: Владо Јаневски

Од творештвото за деца на писателот Владо Јаневски

Си бил еден добар крал, бил толку добар што сите во кралството го сакале, сите освен неговиот помлад брат, кој барал начин како поскоро да го освои престолот и самиот да завладее со кралството. Лесно ќе успеел во тоа ако тука не бил синот на кралот, идниот престолонаследник. Затоа злобниот брат на кралот решил најпрвин да се погрижи за момчето. Без никаква грижа на совеста отишол кај еден мрачен волшебник и добро му платил за да исчезне кутрото момче. Волшебникот, еден страшен човек налик на самиот ѓавол, се послужил со дотогаш невидена и моќна магија со помош на која момчето исчезнало на место од каде што никој не се вратил. Сега патот до престолот бил широко отворен за братот на кралот. Несреќниот крал со скршено срце попусто го барал синот во секој агол од кралството и пошироко и бескрајно тагувал по него. За тоа време момчето лутало во голема мрачна шума, во некој сосема поинаков свет. Било многу изморено кога стигнало пред една трошна колиба. На чистинката пред влезот седела постара жена со црно маче во скутот. Штом го забележала изгубеното момче, го поканила внатре за да се одмори. „Не плаши се од мене, нема да те зготвам. Jас сум добра вештерка“, му рекла таа.
Момчето ѝ поверувало, особено кога црното маче скокнало од скутот на жената и толку му се приврзало што не се симнувало од врвот на неговата глава. Таму сакало да остане, склопчено во бујната коса на момчето. Бидејќи се разбирала во секакви магии, добрата вештерката му открила на момчето дека е изгубено во нечиј сон. „Магијата ќе те држи засекогаш изгубен во сонот. Ако сакаш да се вратиш дома, тогаш ќе треба да го најдеш сонувачот и да го прескокнеш“, му рекла добрата вештерка. „Само така ќе можеш да се вратиш од каде што си дошол.“
„Како ќе го препознаам сонувачот?“, ја прашало момчето.
„Сонувачот во својот сон нема сенка“, му рекла таа. „Но ќе треба да се помачиш додека го најдеш, ако воопшто го најдеш.“
Откако момчето се одморило и закрепнало, добрата вештерка го испратила на долг и неизвесен пат во потрага по сонувачот. Му го дала и црното маче за да му прави друштво. Момчето патувало уште долго време низ шумата и потоа низ некоја непозната земја, но од таков сонувач немало ни трага. Сите луѓе што ги сретнувало имале сенка. Момчето веќе изгубило надеж дека ќе се врати дома. Така разочарано, на крајот се нашло во голема пустелија што се протегала до недоглед. Изморено од патот, решило да преноќи покрај една осамена карпа и да се освежи од вирот во близината. Само што се приближило до вирот, силен ветер почнал да завива околу осамената крапа и ја разбранувал водата. Мачето, кое дотогаш верно му правело друштво, почувствувало опасност и се накострешило од страв. И момчето се исплашило и решило да преноќи на друго место, подалеку од карпата. Пред да се оддалечи, слушнало глас во близината. Од сенката на карпата ѕирнала запуштена девојка со долга неуредна коса. Момчето не се исплашило од таквиот изглед, најверојатно поради милозвучниот глас со кој девојката му се обратила, истовремено и ветрот се стишил.

„Господе, убав си како принц! Не можам да поверувам дека не си измислен“, му рекла таа.
„Јас, убав?“, се зачудило момчето бидејќи долго време не се погледнало во огледало. „Изгледа дека во оваа пустелија со години не стапнала човечка нога“, момчето ѝ рекло на девојката и се изненадило од длабочината на неговиот глас. Гласот му бил променет, а момчето дотогаш не го забележало тоа бидејќи подолго време не зборувало. Потоа уште повеќе се изненадило кога се погледнало во блискиот вир вода и забележало дека веќе не е момче туку се сторило строен младич, а крај него, наместо црното маче, бил еден покрупен мачор.
„Толку многу сум осамена, мислам дека ќе умрам од осаменост, нема со кого да проговорам бидејќи мојот господар не може да се изнаспие“, со тага во гласот рекла девојката и го поканила младичот да се одмори под сенката на карпата.
Младичот ја послушал и седнал тешко воздивнувајќи: „Не ми преостанува ништо друго, освен да преноќам тука пред да продолжам да го барам сонувачот без сенка. Се плашам дека засекогаш ќе лутам во неговиот сон и залудно ќе го барам до крајот на животот.“
„Сонувачот без сенка?“, девојката подзинала од изненадување. „И мојот господар нема сенка!“, додала таа бидејќи претходно забележала дека тој нема сенка и оттогаш не престанала да се прашува зошто е тоа така.
„Нема сенка, навистина?“ Младичот не можел да поверува.
„Нема“, потврдила таа. „Нели е многу необично? И јас се прашувам зошто нема.“
„Мислам дека знам зошто“, ѝ рекол младичот.
Девојката била нестрплива, сакала веднаш да го чуе одговорот.
„Затоа што најверојатно тој е сонувачот на овој сон“, ѝ шепнал младичот. Потоа ѝ раскажал за магијата со која исчезнал од кралството на татко си и за добрата вештерка, која му кажала што треба да направи. „Треба да го прескокнам сонувачот без сенка за да се вратам од каде што сум дошол“, ѝ рекол на крајот.
„Колку страшна магија, не би се изненадила ако и јас сум заробена во неговиот сон!“, рекла девојката откако внимателно ја сослушала приказната на младичот и го однела под карпата.
Двајцата влегле во пространа пештера чиј влез бил скриен под карпата. Таму го нашле нејзиниот господар потонат во длабок сон. Пред нив лежел крупен старец налик на самиот ѓавол, спиел истегнат на грбот. Старецот ’рчел со широко отворената уста и грозоморно шиштел како змија. Младичот веднаш го препознал мрачниот волшебник од кого се плашел уште како дете, не знаел дека тоа всушност бил братот близнак на волшебникот. Во текот на годините мрачниот волшебник направил да исчезнат многу невини деца, кои ги испратил директно во сонот на неговиот брат близнак – тоа навистина била многу страшна магија.
„Што треба да правиме сега?“, девојката го прашала младичот.
Тој цврсто ја фатил за рака. Двајцата трепереле од страв додека му се приближувале на заспаниот господар, за на крајот да ги затворат очите и да го прескокнат. Младичот се израдувал кога следниот момент по прескокнувањето, заедно со девојката се нашол во кралската градина. Фатени за рака се појавиле токму пред натажениот крал, кој и покрај многуте поминати години не престанал да го бара својот син. Кралот срипал од радост штом го здогледал младичот, веднаш го препознал изгубениот син. Младичот го прегрнал татко си и му раскажал како девојката му помогнала да се врати дома. Кралот сакал богато да ја награди, но таа не сакала богатство. Синот на кралот не криел дека се вљубил во неа и ја запросил, таа му ја возвратила љубовта и набрзо во кралството се направила голема свадба за младиот принц и неговата убава принцеза.
А црниот мачор? Мачорот секогаш бил со нив за да ги потсетува од каде дошле и како се спасиле. Во меѓувреме, братот на кралот се изгубил без трага, го снемало заедно со волшебникот. Никој не знаел каде исчезнале двајцата, единствено мачорот честопати ги гледал како лутаат во своите соништа секогаш кога ќе заспиел истегнат на кралскиот престол. Само тој ја знаел тајната како двајцата злобници се нашле таму.