Моја најголема желба е да победувам, да освојувам пехари, медали, дипломи и овие радости да ги споделувам со своите клупски другари и другарки, вели Леко

Осумгодишник државен првак во велеслалом во својата возрасна категорија во Лигата на надежите

Леко Брдароски на прв поглед е дете како и сите други на негова возраст. На 1 декември наполни осум години, ученик е во 3-2 одделение во ОУ „Петар Поп Арсов“, тренира фудбал, учи да свири на гитара и ужива во дружењето со децата од одделението… Но Леко најмногу од сѐ на светот го сака скијањето и успешен е во тоа. А како нема да биде така, кога првпат на скии застанал кога имал само три години, по иницијатива на неговиот татко Ико, кој и самиот е љубител на белиот спорт.
– Леко многу го сака снегот. Ако треба да одбере помеѓу море и снег, би одбрал снег. Првпат застана на скии на тригодишна возраст и новото искуство му се допадна многу, сам си ги носеше скиите и не сакаше да се раздели од нив – ни откри Ико Брдароски, таткото на младиот талент.
Неговиот инструктор Александар Анастасоски прв забележал дека момчето добро се снаоѓа на белите терени.

Тренинг како игра

– Неговиот прв инструктор по скијање, Александар Анастасоски, со кого ги направи првите спуштања по падините на Маврово на четиригодишна возраст, прв ја забележа неговата вештина. Тој знаеше да му го направи скијањето интересно, како игра, за што Леко потоа по цел ден зборуваше. По неколку дена се спуштаа и по најстрмните терени во Маврово. По првата година, по сугестија на инструкторот Александар Анастасоски, го запишавме Леко во Фокс ски клуб од Гостивар. Одлуката да почне со скијачки тренинзи дојде сосема спонтано и не направи голема промена во нашиот живот, бидејќи сите фамилијарно го сакаме снегот и постојано одиме во Маврово. За Леко оваа промена значеше поголема одговорност, станување рано наутро за да се оди на тренинг без разлика дали врне снег, дува ветер или грее сонце. Исто така, тоа за него значеше и нови другарувања со децата од клубот, но и авторитети од страна на тренерите – вели тато Ико.
Во клубот имаат многу убаво мислење за Леко и ги истакнуваат неговата голема самодисциплина, посветеност, упорност и, секако, талент.
– Нашиот Леко, кој дојде во Фокс ски клуб пред две години, уште од најрана возраст почна да ги покажува, а набрзо и да ги докажува неговите квалитети за натпреварувачко скијање, многу брзо се приспособи на дадените задачи и во голема мера позитивно одговори на истите тие дадени предизвици, кои по вложениот труд дадоа најдобри резултати. Од Леко покрај неговата неуморност и желба за тренинг очекуваме во иднина да ги надгради своите скијачки вештини и гордо да го претставува нашиот клуб пред домашни и меѓународни натпревари и еден ден да биде дел од националната селекција, каде што ќе ги претставува боите на нашата држава на европски и на светски првенства. Секогаш точен и подготвен за тренинг е Леко – велат неговите одговорни лица и тренери Дарко Грозданоски, проф. Александар Анастасоски и Страхиња Поповски-Коте.
Лани Леко беше државен првак во велеслалом во својата возрасна категорија во Лигата на надежите. Навистина тоа е голем успех, но тој се подготвува и оваа сезона да биде исто така успешен и како го прави тоа?
– Леко во текот на целата година многу посветено се занимава со разни физички активности. Скијачките тренинзи што со нетрпение ги очекува започнуваат со првиот снег. За време на зимскиот распуст секој ден имаат тренинзи во две дисциплини, велеслалом и слалом. По завршувањето на зимскиот распуст, тренинзите продолжуваат секој викенд, а натпреварите ќе започнат кон крајот на февруари и во текот на месец март. Минатата година во Лигата на надежите, која се состоеше од повеќе натпревари во Маврово и на Попова Шапка, во дисциплината велеслалом во својата категорија освои прво место. Ова прво место беше резултат на победите на повеќето натпреварувања во текот на сезоната – ни откри неговиот тренер.

Диплома за редовност и дисциплина

По сите убави зборови за него, го прашавме ова талентирано момче која е неговата најголема желба и како се чувствува тој кога скија?
– Моја најголема желба е да победувам, да освојувам пехари, медали, дипломи и овие радости да ги споделувам со своите клупски другари и другарки. Инспирација за мене се некои од постарите клупски членови, кои исто така освојуваат награди, како Деспина, Сара, Ива и Влатко, и секојдневната дружба со сите други деца од клубот. Дисциплината и тренинзите за мене не се никаков проблем. Јас прв станувам сабајле за да се подготвам за тренинг и не сакам да пропуштам ниту една можност за тренирање. Можеби токму затоа минатата година добив диплома од својот клуб за најредовен машки член – се пофали симпатичниот Леко, кому очигледно ништо не му е тешко.
Можеби токму затоа на неговите родители не им паѓаат тешко сите дополнителни обврски, бидејќи среќата на неговиот син и желбата тој да ги оствари своите соништа се многу поголем мотив да истраат во намерата да му овозможат да напредува на спортски план.
– Нас како родители најважно ни е нашето дете да биде среќно и да води здрав живот. Секој ден поминат со фамилијата во планина на чист воздух за нас е богатство. Организацијата околу неговото скијање не претставува никаква обврска за нас бидејќи и ние уживаме во скијањето и зимските убавини – ни рекоа гордите родители на Леко.


Во Фокс ски клуб врвни стручњаци со љубов работат со децата

Фокс ски клуб од Гостивар постои од 2017 година, основан е и воден од ентузијасти, кои многу стручно и педагошки ги тренираат децата, но пред сѐ ги учат на многу важни вредности во спортот и во животот, како пожртвуваност, дисциплина, тимска игра, лојалност, фер игра итн. Сите тренери и одговорни лица имаат одлични скијачки техники и со огромна љубов им ги пренесуваат на децата. Покрај своите стручни квалитети, секој од нив е различен и придонесува на свој уникатен начин. Дарко Грозданоски е оној што го поставува редот и работните навики кај децата во клубот, проф. Александар Анастасоски има одличен педагошки и другарски пристап, а Страхиња Поповски-Коте им е идол бидејки е еден од најдобрите скијачи во Македонија.