Сакате ли да си замислите нешто убаво?
На пример, едно чудесно патување?
Патувањето е поубаво и од најѕвездениот сон. Ако сакате да видите нешто невидено – треба да патувате. Ако сакате да чуете нешто нечуено – треба да патувате. Секој чекор е ново оживување, секој поглед – ново обогатување.
Каде да патуваме?
Ова прашање, не толку одамна, си го постави и Нико. Бидејќи беше сам, тој вака си го постави прашањето:
„Каде да патувам“?
А бидејќи беше решителен и смел, си даде ваков одговор:
„По патиштата што водат до најдалечното, најнепознатото“.
И еден ден, се разбира убав сончев ден, со торба в рака, Нико тргна на пат.
Зад него останаа родната куќа, улицата на неговото детство, родниот град. Пред него, послан како бескраен килим, се отвори патот на желбите, на соништата.
А кој е тој Нико?
Додека тој патува и се одушевува од околината што секогаш на нов начин се отвора пред неговите очи, да кажеме збор-два за него.
Нико е дете.
Има руса коса.
Лицето му е украсено со две сини очи, а очите му се украсени со чиста насмевка. Во насмевките на очите се скриени две клучиња со кои Нико сака да ги отклучи вратите на најдалечните далечини и најнезнајните непознатости.
Во градите на Нико тупка едно малечко срце што може да расне, да се шири и да го собере во себе сиот свет.
Ете, тоа е Нико.
Да одиме со него.
Неговото патување е и наше патување.
Неговите доживувања се и наши доживувања.
Добар пат, Нико!
Нека сите добрини на овој свет бидат твои сопатници!
Нека двете клучиња во твоите сини очи ги отклучат портите на најдалечните далечини и најнезнајните непознатости.
Добар пат, Нико!

* * *
Ден ли, два ли, десет ли траеше патувањето на Нико. Можеби и цела година, зашто да се стигне далеку – најдалеку, треба да се патува долго.
И еден ден Нико навистина се најде пред најдалечното и најнепознатото. Од силна возбуда, насмевката во неговите очи се претвори во вивнато пламенче.
Стоеше пред една табла на која, преку пет нотни линии, беше испишано: Песноград.
Но тоа не беше толку чудно ниту пак необично. Има толку села и градови со необични имиња. Чудно беше тоа што малку потаму на една друга, поголема табла, со букви што се смееја пишуваше:

Добре дојдовте во песноград!

Нико стоеше пред таблата занесен и збунет. Претресуваше по своето паметење, барајќи некое скришно катче во кое запретано стои такво име. Слушнал ли некогаш за Песноград? Прочитал ли негде? Дали го видел во својот географски атлас? На кој континент се наоѓа? Во која земја е, на која страна на светот?
Се напрегаше Нико да се сети, гледаше во натписот и шепотеше:
– Песноград…, Песноград…
Зад редица дрвја, на стотина или двесте чекори напред, низ дрвја што чудно личеа на ноти и на други музички знаци, се наѕираше градот. Гледајќи натаму, на Нико му се чинеше дека сонува. Куќите изгледаа необично, во споредба со куќите во оние градови што Нико веќе беше ги посетил. Изгледаа мирно и складно. До ушите му доаѓаа илјадници звуци. Му се чинеше дека се наоѓа под огромно расцутено дрво, на чии цветови слетале сите пчели на светот.
Стоеше зачуден, зашеметен. Крена рака, го допре својот образ.
„Да, тоа сум јас. А сепак сонувам“ – си помисли.
Потоа се штипна за образ.
„Боли – помисли. – Не сонувам“.
Полека зачекори по широкиот асфалтен пат што влегуваше во Песноград. Коловозот беше обележан на неразбирлив начин. Сегде, одлево, оддесно – само ноти. Како да поминал некој камион натоварен со ноти и една по една ги губел по патот.
Нико застана пред една нова табла што се испречи пред него. Таа трепереше во разни бои, се покажуваа пет нотни линии, а по нив скокаа ноти како ластовици по телефонските жици. Потоа преку сето тоа ќе се покажеше огромна грамофонска плоча. Потоа и плочата исчезнуваше и блеснуваше натпис што на Нико единствено му беше разбирлив:
„Добре ни дојдовте во Песноград. Ве молиме јавете се во туристичкото биро Песнотон. Среќно!“
Нико ја вртеше главата, мачејќи се да ја отера неверицата. Замиже за да се среди малку.
– Сонувам! Чесен збор, сонувам! – рече не отворајќи ги очите.
– Не, не сонуваш! – слушна еден пријатен глас крај себе.
– Не, не сонуваш! – потврди друг, нежен и ѕвонлив глас.
Нико ги отвори очите…

(Извадок од книгата „Патуваме во Сказновија“)

Мојата песна

Нешто убаво во мене има,
нешто прекрасно, над цветот цвет,
нешто ме радува, нешто ме смирува,
нешто ме вивнува ко птица в лет.

Нешто убаво во мене има,
нешто високо, небо што грее.
Нешто длабоко во мене има,
нешто ко скришно жарче што тлее.
Една љубов цвета во градиве мои,
од очите мои една радост зрачи,
една чудна птица сака да првне,
до синото небо дури да се качи.
Тоа е песната, песната моја,
што гради ми топли, што ме човек чини,
тоа е птицата што сака да летне
високо, високо во простори сини.
Тоа е песната што в срце се раѓа
и в очи ми налева пролетен сјај,
тоа е птицата што немирно кружи
под родното сонце, над родниот крај.
И така додека пред очиве мои
птицата се нурка во синевината,
градите ми раснат, па чинам во нив
сета навлегува Татковината.

Срцето на татковината
Во изворот што клокоти, врие,
под оние карпи, под планината
ќе чуеш како спокојно бие
срцето на Татковината.
Во црцорот на штурецот весел
во росната трева по падината
ќе сетиш како ѕвони како песна
срцето на Татковината.
Во детските игри, во смевот што ечи,
во цветот, во лулката на убавината,
можеш да го видиш, можеш да го сетиш
срцето на Татковината.
Татковината наша големо срце има,
срце што за љубов со љубов нè храни.
Во срцето на Татковината драга
сите наши срце во едно се збрани.
(Од кни­га­та „Па­ра­да на цве­ќи­ња­та“)


За авторот

Глигор Поповски (с. Будинарци, Беровско, 1928 – Скопје, 2007 г.) е еден од првите писатели за деца и млади во нашата земја и плоден преведувач. Завршил Учителска школа во Скопје. Работел како уредник на детските списанија на „Детска радост“. Негови најпознати дела се: „Со тротинет по цел свет“, „Бајка за детето Вилен“, „Сказни за Возовија“, „Црвената рака“, „Бојан“, „Планино, убавино“…, а постхумно се издадени книгите „Патуваме во Сказновија“ и „Чудесното и реалистичното во прозата на Глигор Поповски“ на авторката проф. д-р Јованка Денкова.