Приказната за искачувањето на врвовите веќе десетина години будеше голем итнтерес кај дечињата што повремено ги посетував во училиштата и на разни други настани. Токму тоа е и темата на оваа сликовница, која е од автобиографски карактер, вели Илина Арсова

Кон крајот на минатата година беше промовирана сликовницата на познатата планинарка и уметница Илина Арсова, со илустрации на Иванка Ниба. Станува збор за сликовница наменета за деца, насловена „Највисокиот врв“.
– Идејата за сликовницата всушност ја имав подолго време. Но во овој миг поканата за соработка од страна на илустраторката Иванка беше клучна за да ја лансираме идејата. Исто така би можела да додадам дека публиката на повеќе наврати го побара тоа од нас, а ние со огромно задоволство ја испорачавме нарачката – вели авторката Арсова.
Игрите од детството на Илина биле инспирација за создавање на визуелниот идентитет на сликовницата од страна на илустраторката Иванка Ниба.
– Со Илина сме блиску генерациски и текстот што таа го напиша, каде што на почетокот се споменуваат сите игри што таа и нејзините другарчиња ги играле како деца ми разбуди спомени и ме потсети на моите детски денови. Да немаше инспирација, немаше да се случи оваа сликовница. Со таа мисла и цел ја правевме. Дека животната приказна на Илина ќе биде инспиративна за децата, ќе поучува, покажува, вдахнува надеж, потсетува, одобрува… соништа, мисли, желби – раскажува Ниба.
Илина вели дека приказните што им ги раскажувала на дечињата за своите планинарски авантури побудиле интерес уште пред да се најдат во книга.


– Приказната за искачување на врвовите веќе десетина години будеше голем интерес кај дечињата што повремено ги посетував во училиштата и на разни други настани. Токму тоа е и темата на оваа сликовница, која е од автобиографски карактер. Зборува за истрајноста, љубовта и пасијата, кои нѐ водат кон достигнување на нашите соништа, дури и кога тие се чинат недостижни – раскажува Арсова.
На прашањето кој е највисокиот врв што може да го искачи човекот, авторката Илина Арсова вели дека секој човек има и внатрешни врвови за освојување.
– Додека порано ги гледав врвовите како надворешни планини, кои ги искачував со огромна љубов, од денешна перспектива би рекла дека внатрешниот мир, љубовта од најблиските и кон нив, како и здравјето на еден човек се главните состојки за достигнување на врвот – порача Илина Арсова.
Со оглед на тоа што пријателите во САД веќе ја прашуваат за американско издание на „Највисокиот врв“, не е исклучена можноста да се реализира и издание на англиски јазик.
Според илустраторката Ниба, која наедно е и издавачка, децата во земјава наскоро ќе можат да се запознаат со ова интересно издание.
– Промоцијата беше одлична и ја темпиравме со доаѓањето на Илина. Други средби со неа ќе биде потешко да оствариме, но работилници инспирирани од книгата секако дека би можеле да бидат реализирани, со мене како коавторка, илустраторка – ни рече Иванка Ниба.