ВО СТРУГА

Во центарот за култура „Браќа Миладиновци“ во Струга, во средата се одржа свечена манифестација „Чествување по повод 160 години од издавањето на ’Зборникот‘ на браќата Миладиновци“.
Во рамките на програмата, настапи младиот музичар Христијан Миладинов -правнук на Миладиновци, додека Беседа за Миладиновци одржаа артистот Ристе Миладинов, внук на Миладиновци, и историчарот Петар Аврамоски.
Присутните имаа можност да го видат документарниот филм посветен на браќата Миладиновци, потоа следуваше настапот на хорот „Весели бисерчиња“ од Охрид. На крајот публиката уживаше во настапот на КУД „Илинден“ од Струга, кој на сцената се врати по една година. Младите игроорци воодушевија со староградски народни носии од Струга, кои се вистински раритет, а се новитет во друштвото.
На 23 јуни 1861 година во Загреб излегол од печат „Зборникот“ на народни песни, епохално дело на струшките браќа Димитар и Константин Миладиновци, македонски преродбеници во 19 век. Печатењето на ова дело било финансирано од хрватскиот бискуп Јуриј Штросмаер, за што Константин во посвета му искажува голема благодарност. Ова епохално дело содржи 584 песни од разни краишта на Македонија: Струга, Охрид, Битола, Прилеп, Велес, Дебар, Кукуш, Костур и други. Ст.К.