Викторија суверено владее со јазикот, кој не ѝ e мајчин, и својата креативна имагинација ја вложува во дело што може да допре до секој млад човек од нејзината генерација, a секако и до секој повозрасен љубител на книгите, напиша во рецензијата на книгата „Луна 2“, Никола Малевски, наставник по англиски јазик

Младата авторка Викторија Јованова ја претстави втората книга од трилогијата „Луна“

Библиотеката „Гоце Делчев“ во Гевгелија минатиот понеделник, пред многубројните заинтересирани гевгеличани, љубители на убавиот пишан збор, кои го исполнија просторот пред Народниот театар, организира промоција на книгата „Луна 2“, на младата и амбициозна писателка Викторија Јованова (14). Викторија, која веќе го докажа својот талент за пишување со своето литературно првенче, се враќа со продолжение на својата прва книга „Луна“. Задоволството да биде поголемо, промоцијата беше и на македонски и на англиски, бидејќи Викторија пишува на англиски јазик со голема леснотија и уживање.
– „Луна 2“ продолжува таму каде што застана првиот дел „Луна“ – Морланд Стејблс. По една трагична несреќа, Кеитлин повторно се поврзува со нејзината мајка и започнува нов дел од нејзиниот живот, оставајќи го својот сакан коњ зад себе. Таа се приспособува на новите услови, ги прифаќа новите пријателства, но нејзината љубов кон коњите и јавањето не исчезнува. Неочекуван пресврт на настаните повторно ја доведуваат до Луна, со што Кеитлин се впушта во авантура. Доживувајќи тажни моменти и моменти на пресврт во животот – рече на промоцијата Маре Брзанова, наставничка по англиски јазик во ООУ „Владо Кантарџиев“.
Во својата рецензија Никола Малевски, наставник по англиски јазик во ООУ „Климент Охридски“ во Миравци, пишува: „Реткост е во денешно време на целосна доминација на технологијата да се види толку млада авторка што суверено владее со јазикот, кој не ѝ e мајчин, и која својата креативна имагинација ја вложува во дело што може да допре до секој млад човек од нејзината генерација, a секако и до секој повозрасен љубител на книгите. “

Раскажувањето на Викторија е спонтано, детско и примамливо четиво за секој читател што го познава англискиот јазик. Таа ја враќа довербата во самото читање како естетски и уметнички процес, кој ја издига личноста над секојдневието.
Викторија верува во вистинските вредности на животот, пријателството, љубовта кон животните и тоа го докажува на најдобар можен начин во вториот дел од авантурите на Луна.
– Оваа приказна е испреплетена со многу елементи како пријателство, вистина и лага, малтретирање и љубов, сето тоа како дел од секојдневниот живот на младите. Лесно е да се поврземе со приказната бидејќи секој си го сака своето милениче, а „Луна 2“ пренесува сочувство, партнерство и љубов помеѓу коњот и неговиот „господар“. Оваа приказна е испреплетена со многу елементи како пријателство, вистина и лага, тага и љубов, сето тоа како дел од секојдневниот живот на младите. Тоа е во крајност убава приказна, забавна, пријатна, брзо и лесно читлива со среќен крај – кажа на промоцијата Катерина Решкова, наставничка по англиски јазик во ООУ „Владо Кантарџиев“.

Викторија Јованова е родена на 20 јануари 2006 година во Гевгелија. Годинава заврши основно образование во ОУ „Владо Кантарџиев“ во родниот град. Таа пројавува голем интерес за пишување и цртање уште од најмала возраст. Нејзината голема љубов кон коњите ѝ е основна мотивација за пишување на книгата „Луна“. По успешното издавање на првата книга со овој наслов, доаѓа вториот дел од трилогијата „Луна 2“. Покрај трилогијата, Викторија ги напишала и делата: „Неговиот џемпер“ (His Cardigan) и „Фати ме за рака“ (Take my Hand), исто така на англиски јазик, објавени на интернет-страницата за книги Ватпад (Wattpad).

Љубчо Алексовски