Во литературното катче „Од згода до згода, заграб бистра вода“ објавуваме песни на познатиот македонски писател Васил Мукаетов, од книгата „Поглед со двоглед“, инспирирани од творештвото на големиот собирач на народни умотворби Марко Цепенков.
„Зрнце по зрнце – погача.
Капка по капка – море.
Умниот Марко собирал
сѐ што народот
премудро зборел.
Бисер до бисер, течно
За да ни остане вечно!
Ете, вака, со стихови, Мукаетов ни објаснува зошто ја напишал оваа своја книга.
– Во богатото творештво на Цепенков има приказни, умнозборки, пословици и поговорки. Некои од оние што се однесуваат на децата ги ставив во песни. И пак со желба – за поука и радост. И самиот Цепенков напишал: „Кога ќе ѝ препееф пословиците, голема радос и лезет усетуеф“ – додава Мукаетов.


Детето е безгрешно

Ај да го прашаме тате:
– Дали бил некогаш фатен,
зелева слива да скине,
желбата да му мине?

А и мама,
треба да се праша:
Кога била малечка,
случајно не и се скршила
баш ниедна чаша?

Ај нека се сетат,
Ќе им се чини смешно.

„Детето дури е мало, е безгрешно!“

Песната „Детето е безгрешно “ е инспирирана од поговорката запишана и зачувана од Марко Цепенков, која гласи „детето дури е мало е безгрешно“!


Наместо белешка за авторот

Васил Мукаетов е македонски писател за деца. Роден е во Кавадарци, а со своите читатели другарува уште од 1960-тите години, преку списанијата „Титов пионер“, „Другарче“ и „Колибри“, а денес е застапен и на страниците на „Другарче“ и „Развигор“.
Автор е на десетина книги: „Ти реков, ми рече“, „Ај погоди“, „Да нацртаме другар“, „Кој кого расте“, „Децата можат сѐ“ и други. Застапен е во повеќе учебници по македонски јазик и литература за основното образование. За неговата книга „Скокни, прескокни“ е добитник на наградата „Ванчо Николески“ на Друштвото на писателите на Македонија.