Медиумскиот покровител на оваа претстава за најмладите, весникот „Нова Македонија“, на интересен начин ќе биде дел и од она што ќе се случува во неа

Во киното „Фросина“, во Младинскиот културен центар во Скопје, викендов, на 14 и 15 декември, ќе се одржи премиерата на првата македонска детска магионичарска театарска претстава, со интересен наслов „Како Хокус го пронајде Покус“.
Ова е прва претстава од овој вид на целиот Балкан, што инволвира театар-глумци-магионичари и компјутерски анимации, а е авторско дело. Пред сѐ, претставата е од едукативен карактер, исполнета со многу интеракција, хумор и илузии и со важни животни пораки за децата, за другарството, добрината, човечноста…

Идејата за приказната раскажана во претставата, како и сценариото, е на Гого Реквием, кој најавува и книга на оваа тема, која е во подготовка.
Режијата и продукцијата исто така се на Гого Реквием, во асистенција на Мартин Јорданоски. Нив ќе ги видиме и како глумци на сцената, а ќе има и уште неколку изненадувања, кои не ги откриваат предвреме.

– Се работи за двајца волшебници, Хокус и Покус, од кои едниот е многу палав, а другиот е многу надмен. Тие во минатото како деца биле многу добри другари, но со текот на времето егото, суетата, љубомората… ги разделиле и сега се ривали и не се сакаат. Целта на претставата е децата да научат кои се најголеми вредности кај човекот и дека не треба да се биде алчен, љубоморен, суетен… – ни откри дел од содржината Гого Реквием.

Тој дополни оти се надева дека децата, преку содржината на претставата, ќе научат многу и за бонтонот, географијата, историјата, екологијата, а сето тоа зачинето со илузии, трикови и многу хумор.

Нашиот весник „Нова Македонија“, како медиумски покровител, ќе биде исто така дел од претставата на интересен начин, досега невиден кај нас. Сигурно претпоставувате, станува збор за магионичарски ефект.