НУБ „Гоце Делчев“ во Штип, беше местото каде што минатата среда се одржа втората промоција на книгата „Татковината во детските срца“, на авторката Марија Таушанска, заеднички проект на додатокот за деца „Колибри“ и на ООУ „Јан Амос Коменски“ од Скопје, издание на „НИК Нова принт“.

Настанот, низ кој нѐ водеше младиот поет Андреј Јанков, беше збогатен со музички точки, што ги изведоа учениците Никола Ѓорѓиев, кој свиреше на кавал и Марко Бранковски, кој изведе нумера на класична гитара. Исто така присутните можеа да ја погледнат изложба на уметнички фотографии на поетесата Александра Донева, инспирирани од убавините на нашата земја.

Сепак, детскиот џагор и креативност се она што ја обележа оваа промоција, бидејќи учесниците од блиското основно училиште „Ванчо Прке“ во Штип, беа дел од работилницата, во чии рамки цртаа и пишуваа за татковината, а исто така прочитаа и некои песни, од книгата, за која рекоа дека во иднина ќе им биде постојан придружник на часовите.

Свое видување за книгата имаше и еден од рецензентите, Трајче Кацаров, а и промоторот Андреј Јанков, кажа неколку збора за оваа хибридна збирка, која според него е изобилство на љубов, емоција и искреност.

Авторката на книгата, Марија Таушанска, поздравувајќи ги присутните, меѓу другото рече дека „понекогаш треба да се искачиме едно скалило погоре за да ги разбереме децата и нивните желби и мечти“. И навистина, децата се украс на нашите животи, а често овие мали и искрени битија, можат нас возрасните да нѐ научат на многу животни лекции.

Книга „Татковината во детските срца“, освен одговорите на прашањето „Што е татковина“ на учениците од трето од деветто одделение од ООУ „Ј.А.Коменски“ од Скопје, исто така содржи дваесетина песни, посветени на татковината на реномирани македонски поети, но и на млади автори, кои само што го почнале своето патување во светот на литературата. Нејзината порака е дека татковината треба да се сака безусловно и да се чува во детските срца.

Авторка на насловната фотографија на книгата е фоторепортерката на „Нова Македонија“, Маја Јаневска Илиева. А. Ј.