Рецензија на филмот „Омаха“ од 2025 година
„Омаха“ (Omaha) е американска драма од 2025 година. Филмот е на Кол Вебли и ова е негов дебитантски долгометражен игран филм. Роберт Мачојан е автор на приказната, која е инспирирана од настани за време на економската криза во САД во 2008 година. Главната улога е на Џон Магаро во улогата на таткото. Но иако филмот е врзан за судбината на едно американско семејство, тој кажува вечни работи, отвора вечни прашања.
Кога го видов првпат, визуелно, преку плакатот на овој филм, мислев дека станува збор за фамилијарна драма во која татко со двете деца и кучето тргнал на некаква долга авантура со автомобилот. Почнувате да го гледате филмот и понесени од меката атмосфера и убавите пејзажи, не ви се верува во што се претвора оваа фамилијарна „Одисеја“, која бавно, но сигурно ита кон крајот на човештвото какво што го познаваме.
Тоа е еден од оние филмови што оставаат тежок немир, првенствено затоа што не знаеме како да го третираме главниот лик. Да го осудиме, да го сожалиме, да го мразиме или сакаме? Не знаеме. Главниот лик во овој филм е нежен и добар татко, кој откако животот му го свртел грбот, почнува да се распаѓа одвнатре. Тој е мек и суров, студен и топол. Тој е трагичен лик, кој решил да ги жртвува своите деца, откажувајќи се од нив и немајќи храброст да им го каже тоа. Филмот е застрашувачки спокоен, со весела музика и дијалози што не навестуваат ништо. Бавно и целосно замаскирано под сончевото небо и милозвучните гласови на малолетните деца, сценариото повеќе го сокрива отколку што го открива расплетот. Таткото е човек што ја изгубил способноста повеќе да се бори. Тој ја изгубил младата сопруга, која починала од рак, останал сам со две мали деца, ја изгубил куќата поради финансискиот колапс и повеќе не гледа сигурна иднина во овој свет. Тој е човек како безброј други, кој силно ги сака своите деца, но и човек што повеќе не верува дека може да им обезбеди живот.
Автомобилот со кој патуваат не може да запали, тој мора да биде физички подбутнат по удолница за да може да тргне и да го стави во функција моторот. Тоа се повторува во неколку наврати во филмот и станува симбол за внатрешниот свет на таткото. Тој е човек што ја изгубил смислата. Внатрешното палење. Дали родителот што ја изгубил верата во себе може да верува во иднината на своите деца?
Филмот е сведоштво за едно сурово општество, кое ги доведува помалку снаодливите и интровертни луѓе до работ. Приказната опишува еден немилосрден свет во кој поединецот е само алатка во рацете на бездушниот систем и судбина, кој однадвор лажно се претставува дека функционира беспрекорно. Овде би направил паралела со „Нељубов“ на Звјагинцев. Различни светови и политички уредувања, различни судбини, но децата страдаат и на двете страни на светот во нефункционалните фамилии. Големата разлика меѓу „Омаха“ и „Нељубов“ е во тоа што таткото во првиот филм ги сака своите деца, но ги губи поради внатрешниот духовен слом, во вториот, пак, родителите не го сакаат своето дете, тоа е за нив само објект што станал пречка на патот на нивните кариери. Таткото во „Омаха“ гори од љубов кон починатата сопруга и двете деца, но тој оган не е доволен да го загрее студениот удар на судбината. По патот неговите ситни пари што останале за да се прехранат, се трошат. Увертира на трагедијата што следува е кучето. Тоа е домашен љубимец на двете деца. Таткото ќе го остави во некакво прифатилиште некаде по патот. Тоа е силно претчувство за она што подоцна ќе го направи со децата. Девојчето едвај ќе се помири со разделбата со кучето, не насетувајќи го она што следува. Немаме впечаток за целта на нивното патување речиси во текот на целиот филм. Зошто одат во Небраска, иако е оддалечена три дена возење, со возило што едвај функционира? Тие таму немаат дом, немаат роднини. Тој нема повеќе пари да ги прехрани ниту децата. Кога плаќа за храна на касата во маркетот, тој пропаѓа во земја од срам дека мора да го врати делот на едното дете затоа што му недостасуваат два или три долари. Но маката не е само социјална. Овој филм оди подлабоко. Остануваат само уште неколку ситни банкноти долари во паричникот, кои ги чува за посета на зоолошката градина во Небраска. Последното изненадување. Мигот што ќе стане своевидна лебедова песна на фамилијата. Последниот зрак светлина и радост.

Но зошто се однесува таткото кон децата како да се предмети? Ова е можеби најболниот психолошки аспект на филмот. Предметот може да постои, може човек да биде и некако поврзан со него, но човек може и да се ослободи од него кога ќе посака.
Тој ги буди, ги става во автомобилот, им кажува дека одат на патување, ги замолува да ги земат со себе најдрагите предмети, ги води низ непознати предели, а всушност веќе има донесено одлука да ги напушти. Децата докрај не знаат каде и зошто патуваат.
Таткото се обидува да ги претвори во патници и соучесници во сопствената несреќа, наместо да им ја открие вистината. Тој бега кон некаде, а и самиот не знае дека бегството од себе го носи токму на местото од каде што тргнал, повторно до себе. Тој кукавички се крие зад својата болка и не сака неговите деца да продолжат да ја живеат мизеријата на овој свет.
Ликот на таткото не е монструм. Тој е емотивен човек. Тој плаче и се моли во себе постојано додека патуваат. Разговара со некаков невидлив демон. Тој плаче како дете, а неговиот внатрешен плач го раскинува срцето на гледачот. Тој плаче затоа што неговата одлука не е донесена од отсуство на љубов, туку од очај.
Тој верува дека во институција децата ќе имаат поголема шанса за преживување отколку покрај него. Тој ја изгубил вербата во татковството. Оливер Твист беше оставен од чудовишни родители, но овој татко не е тоа. Во оваа американска драма, децата се напуштени од чудовишен систем, кој се рефлектира преку уништениот родител од истиот систем. Тоа е неговото искривено, очајничко оправдување.
Односот на светот кон главните ликови во филмот е вџашувачко. Луѓето не се злобни, туку просто незаинтересирани. Свет во кој нема емпатија, во кој нема разбирање. Свет во кој скршените и повредените се оставени да бидат сами. Колку еден човек може да издржи кога нема кому да му ја покаже својата немоќ? Дали можеме да ја забележиме скршената душа што шета по улиците?
По патот тие се сами, но на секоја пауза тие среќаваат луѓе, минуваат низ населени места, но не наидуваат на вистинска човечка блискост.
Филмот не прикажува некакво фантастично зло. Прикажува обични луѓе, секој затворен во сопствениот свет, додека пред нив се случува невидлива човечка катастрофа. Таткото не е невин. Тој носи одговорност за она што им го прави на децата. Но неговата осаменост е и физички присутна во филмот. Тој е одделен веќе од органската поврзаност со животот.
А децата сè уште го сакаат. Тие љубат безусловно. Тие не ја разбираат неговата пропаст. За нив тој сè уште е таткото, заштитата, целиот нивен свет.
Колку е противречно кога возрасниот човек ја изгубил надежта и верата во светот, а децата сè уште се надеваат и веруваат во него. Таткото е нивниот свет!
Посетата на зоолошката градина е особено симболична. Тој дел е оаза на филмот. Режисерот сака да ја покаже идиличната слика на татковите емоции и детската безусловна љубов. Иако со последните пари за билети, тој им овозможува уште еден заеднички убав ден. Како да сака да им подари последно сеќавање на таткото што некогаш го познавале, во некој паралелен свет. Пеперутките се метафора за краткотрајноста на човекот и љубовта.
На крајот, ние сѐ уште не сме свесни за она што следува иако можеби веќе го насетуваме. Но не сакаме да веруваме. Пред да се спомене вистинскиот случај со законската регулатива во Небраска од 2008 година, која овозможувала родителите да ги оставаат децата во одредени институции без кривично гонење, ние не можеме да разбереме како може еден татко да се откаже од своите веќе пораснати деца на еден таков суров начин.
Таткото бега избезумено од децата што штотуку ги оставил пред главниот влез на една болница. Нема каде да се скрие од својот срам, кој го раскинува на парчиња. Трча не знаејќи каде оди. Возилото со кое патуваа овој пат заглавува на една од главните улици во градот. Седнува во една кафетерија да се напие голтка кафе, ги склопува очите, но келнерот го предупредува дека овде не смее да заспие, не смее да одмори, дека ќе повика полиција. Има ли место на овој свет каде што човек може за миг да ги склопи очите и да се соочи со својата болка? Оваа сцена од филмот силно ме потсети на мигот во Евангелието кога Христос ќе каже: „Лисиците имаат легла, и птиците небесни гнезда, а Синот Човечки нема каде глава да потслони“ (Матеј 8:19-20).
Дали човекот е целосно одговорен за сопствената трагедија и дали смее да ги повлече во сопствената бездна сопствените деца? Не можеме да морализираме.
Овде станува збор за момент на човечка состојба кога умот повеќе не го слуша срцето. Кога општеството те довело до состојба во која веќе не се гледа излезот, дејствата и последиците стануваат ирационални.
Никола Пијанманов, ликовен уметник































