Документот ИСО 24603 ги наведува различните барања и прописи за одгледување и користење плурипотентни матични клетки од човек и од глушец. Тоа е, исто така, првиот стандард поврзан со матични клетки за Меѓународната организација за стандардизација, вели Џанг Џихао за „Чајна дејли“

Кина, како светски лидер во областа, го објави првиот меѓународен стандард во светот за истражување матични клетки, сигнализирајќи дека земјата стана глобално признаен лидер во оваа најсовремена област што може да направи револуција во медицината, велат експертите.

Документот, наречен ИСО 24603, ги наведува различните барања и прописи за одгледување и користење плурипотентни матични клетки од човек и од глушец. Тоа е, исто така, првиот стандард поврзан со матични клетки за Меѓународната организација за стандардизација. Плурипотентните матични клетки имаат способност да се диференцираат во сите типови клетки што го сочинуваат телото. Тие обично се наоѓаат во најраните фази на клеточната делба по оплодувањето, според клиниката „Мајо“.

Сепак, терапијата со матични клетки може да биде контроверзна поради тоа што е слабо регулирана, со тоа што бескрупулозни даватели на медицински услуги ја рекламираат технологијата и ги привлекуваат пациентите што бараат лек за нелегални и потенцијално штетни третмани.

Чен Јегуанг, претседател на Кинеското здружение за клеточна биологија, рече дека матичните клетки и регенеративната медицина се поле што брзо се развива и дека е од суштинско значење да се изгради консензус и да се воспостават некои основни правила за истражување и индустрија.

Џорџ Дагер, советник на комитетот ИСО/TЦ276/ВГ2, организацијата одговорна за прегледување на биобанките и стандардите поврзани со биоресурси, рече дека ИСО 24603 се заснова на експертски консензус од земјите што се држат до ИСО-стандардите и тој претставува клучен и неопходен чекор за проширување на истражувањето на матичните клетки.

Џи Веиџи, познат биолог и академик на Кинеската академија на науките, рече дека лидерската позиција на Кина и објавувањето на новиот меѓународен стандард сигнализира дека земјата станала еден од светските предводници во оваа област, особено во основните науки и некои технологии.

Џенг Џијан, заменик-директор на Одделот за основни истражувања на Министерството за наука и технологија, рече дека стандардот не само што обезбедува суштински инструкции за водење и поддршка на развојот на индустријата за матични клетки туку го покажа и зголеменото меѓународно признание на Кина во истражувањето на матичните клетки. Тој смета дека напредокот внел позитивна енергија во кинеската наука, технологија и иновација во медицината.