• Донациите на Маск дополнително ја зголемуваат значителната финансиска предност што Републиканската партија веќе ја има пред демократите. Трамп, Републиканската партија и поврзаните политички акциски комитети собраа 2,1 милијарди долари до крајот на третиот квартал, надминувајќи ја сумата од 1,3 милијарда долари што ја собраа соодветните комитети на демократите

Со новата инфузија на пари во неговиот суперполитички акционен комитет во првите две недели од октомври, Илон Маск досега има донирано околу 446 милиони долари во тековниот изборен циклус, со што стана еден од најголемите придонесувачи во изборната кампања во САД. Најбогатиот човек во светот вложил 77 милиони долари во политичкиот акционен комитет „Америка ПАК“, покажуваат поднесоците на Федералната изборна комисија, во обид да ги поддржи републиканците на среднорочните избори во ноември.
Донирањето на Маск во овој циклус го става далеку пред другите големи политички донатори, вклучувајќи го менаџерот на хеџ-фондови, Џорџ Сорос, кој е постојан поддржувач на демократите.
Маск има многу влогови во исходот од среднорочните избори. Неговата империја што ги вклучува компаниите „Спејс екс“, „Тесла“, „Боринг компани“ и „Неуралинк“ е силно изложена на регулација од страна на федералните агенции. А планираното спојување на првите две компании ќе биде предмет на регулаторен надзор. Неговата поранешна улога во водењето на владината агенција ДОГЕ и напорите за преобликување на федералната влада, исто така би можела да дојде во фокусот на Капитол Хил ако демократите ја освојат контролата врз Претставничкиот дом на САД.
Во септември Маск му донираше 158 милиони долари на Фондот за лидерство во Сенатот, главниот супер-ПАК што ги поддржува кандидатите на Републиканската партија за горниот дом на Конгресот. Севкупно, организацијата „Америка ПАК“ на Маск потроши 71 милион долари за поддршка на републиканците на изборите во средината на мандатот, вклучително и во значајните трки за Сенатот во сојузните држави Охајо, Мичиген, Ајова и Мејн. Исто така, средства беа насочени кон повеќе од 30 изборни окрузи за Претставничкиот дом каде што се очекува неизвесна изборна трка, со што беа поддржани напорите на Републиканската партија да го задржи мнозинството во двата дома на Конгресот.
Голем дел од овие средства се потрошени на телефонски повици, текстуални пораки и печатени материјали, како што се летоци испраќани по пошта или материјали оставани на влезните врати. На пример, во долниот дел на долината на реката Хадсон во Њујорк, каде што републиканскиот конгресмен Мајк Лолер води неизвесна битка против демократката Кејт Конли, некои домаќинства добија материјали закачени на вратите, финансирани од „Америка ПАК“. На нив стои пораката: „Социјалистичката левица ја уништува Америка“, а придружена е со колаж од фотографии на политичките конкуренти.
Донациите на Маск дополнително ја зголемуваат значителната финансиска предност што Републиканската партија веќе ја има пред демократите. Трамп, Републиканската партија и поврзаните политички акциски комитети собраа 2,1 милијарди долари до крајот на третиот квартал, надминувајќи ја сумата од 1,3 милијарда долари што ја собраа соодветните комитети на демократите. Оваа финансиска предност претставува светла точка за републиканците во инаку тешките изборни услови. Според Индексот на милијардери на „Блумберг“, Маск има нето-богатство од 905,8 милијарди долари.