Фото: ЕПА

И Европа скапо ја плаќа цената на енергетската зависност

  • Европа може да произведува повеќе енергија дома, но кога не го прави тоа, сметката стигнува од странство, преку поскапи увози, геополитички ризици и повисоки трошоци за европската индустрија и граѓаните. Токму затоа пораката на европскиот комесар за енергетика Дан Јоргенсен за иднината на европската енергетика е дека таа МОРА да се темели на поголемо домашно производство, бидејќи енергијата произведена дома значи поголема сигурност, помала изложеност на светските шокови и, во услови на соодветни инвестиции, пониски и постабилни трошоци

Бројката од 100 милијарди евра, која повторно ја отвора дебатата во Брисел, е предупредување што тешко може да се игнорира. Имено, фрапантна е бројката што ЕУ ја плаќа плус, за приближно истото количество енергија, без притоа да добива повеќе енергетски производ. Зависноста од сегашниот увоз ја прави Европа зависна и од цените, и од геополитиката, и од одлуките на други држави. Еврокомесарот Јоргенсен деновиве токму ова го посочува како неодржлив модел, нагласувајќи дека „увезените горива треба постепено да бидат заменети со домашно произведена енергија“!

Енергијата е индустриско прашање

Во целата оваа состојба, освен што станува збор и за тоа колку ќе плаќа едно европско домаќинство за струја, уште повеќе станува збор и за тоа „дали европската фабрика ќе може да произведува по конкурентна цена“?!
– Хемиската, металната, стакларската, хартиената и другите енергетско- интензивни индустрии директно зависат од цената на енергијата. Самата Европска комисија (ЕК) предупредува дека високите енергетски трошоци влијаат врз инвестициите и долгорочната конкурентност на овие сектори. Затоа домашното производство на енергија повеќе не е само енергетска политика. Тоа е индустриска политика. Ова е и најважната економска димензија на целата приказна. Европа не може да бара конкурентна индустрија, нови инвестиции и добро платени работни места ако електричната енергија остане трајно поскапа од онаа на главните конкуренти. Истовремено, граѓаните веќе го чувствуваат товарот на високите енергетски сметки. Европската комисија наведува дека малопродажните цени на електричната енергија за домаќинствата остануваат значително над периодот пред енергетската криза. Затоа домашната енергија треба да се гледа како инвестиција во поевтина и постабилна електрична енергија, а не само како трошок за енергетска транзиција – вели наш соговорник, универзитетски професор по енергетика.

Домашниот киловат-час како европска конкурентска предност

Колку повеќе енергија Европа произведува дома, толку помалку зависи од тоа што ќе се случи на светските пазари на нафта и гас. Тоа е особено важно во време кога секоја војна, санкција, блокада или нарушување на снабдувањето може за кратко време да ги зголеми цените.
– Морам да нагласам дека Европската комисија во својата актуелна стратегија „Акцелерејт ЕУ“ токму затоа го става поголемото домашно производство на енергија меѓу клучните мерки за намалување на увозот на нафта и гас и за јакнење на енергетската отпорност – вели професорот.

Европа мора да произведува повеќе, а да увезува помалку

– Суштината на новата европска енергетска политика може да се сведе на едноставна економска логика. Колку повеќе енергија Европа произведува сама, толку помалку пари испраќа надвор од европската економија. Колку повеќе стабилна домашна енергија има, толку е помал ризикот од ценовни шокови. А колку енергијата е подостапна, толку е поголем просторот европската индустрија да инвестира, да произведува и да се натпреварува на глобалниот пазар. Тоа е причината зошто Брисел сè почесто зборува за домашната енергија не само како прашање на климатските цели туку и како прашање на европската конкурентност – подвлекува нашиот соговорник.

Новата европска енергетска равенка

Европа во наредните години ќе мора да ја реши оваа равенка. А се разбира дека и ние во Македонија.
– Со целиот свој интелектуален и искуствен капацитет се залагам за повеќе домашно производство, посилни мрежи, повеќе складирање, поголема електрификација и пониски системски трошоци. Па и Европската комисија (ЕК) веќе ја поставува токму таа насока, да се зголеми уделот на стабилна и достапна, домашно произведена енергија, со цел електричната енергија да стане поевтина и економијата поконкурентна. На крајот, енергетската независност не е само прашање дали Европа ќе има доволно струја. Прашањето е по која цена ќе ја има. Зашто Европа може да си дозволи енергетска транзиција само ако таа произведува енергија што е достапна за граѓаните и конкурентна за индустријата. А најсигурната енергија е онаа што Европа може да ја произведе сама – поентира на крај професорот по енергетика. Е.Р.