Мнозинството граѓани од повеќе земји ја избраа Кина како водечка економска сила во светот, покажуваат резултатите од анкетата спроведена од американскиот истражувачки центар „Пју“, кои се објавени во годинешниот извештај од Безбедносната конференција во Минхен.

Најголем процент граѓани во Германија и во Русија ја сметаат Кина, а не Америка, за водечка економска сила. Соодносот е повеќе на страната на Кина отколку на САД и во Франција и во Канада. Во Велика Британија и во Мексико речиси еднаков број испитаници ги именувале двете држави, но САД ја изгубиле поддршката во однос на претходните години. Во 2009 година, кога беше спроведено истото истражување, 46 отсто од Британците и 55 отсто од Мексиканците сметаа дека САД се водечка економска сила во светот.

Друга земја во која американскиот престиж претрпел удар е Кенија, каде што Кина инвестираше во многу инфраструктурни проекти. Во земјата, 39 отсто од граѓаните изјавиле дека ги сметаат САД за водечка светска економска сила во 2019 година, што е значително намалување во однос на 2009 година, кога таков став имале дури 66 отсто од граѓаните. Во истата временска рамка, процентот на испитаници што ја именувале Кина како водечка економска сила се зголемил од 13 отсто на 32 отсто.