На овој ден целото село се вклучувало во оваа прослава, а најдобар сведок на долгата традиција е и една фотографија стара 125 години, на која можат да се видат селани со цвеќе во рацете и во свечени облеки како го прославуваат овој ден

За пошироката јавност во земјава селото Козица, Кичевско, е познато како родно место на славниот илинденски војвода Јордан Пиперката, но ова село е надалеку познато и по многувековната автентична прослава на верскиот празник Ѓурѓовден. На овој ден целото село се вклучувало во оваа прослава, а најдобар сведок на долгата традиција е и една фотографија стара 125 години, на која можат да се видат селани со цвеќе во рацете и во свечени облеки како го прославуваат овој ден.

– Нашето село надалеку е познато по автентичниот начин на прослава на верскиот празник Ѓурѓовден. Според она што ни беше пренесено од постарите поколенија, за овој празник сите жители на селото свечено облечени уште рано наутро се упатувале во планината над селото во месноста Краста, каде што го поминувале поголемиот дел од денот и каде што се печеле јагниња на ражен и се подготвувале други традиционални јадења. Во месноста Краста козичани останувале до попладневните часови, од каде што со цвеќе во рацете се враќале во селото и каде што на еден столетен костен се поставувала нишалка на која сите по ред се нишале, додека другите присутни соселани им пееле песни во согласност со нивната возраст и брачна состојба – вели Раде Петрески, жител на Козица.

Тој ни ја покажа фотографијата изработена од тогашниот војвода Анастас Лозанчев од Битола, кој поседувал фотоапарат со кој го овековечил овој настан.
– Оваа фотографија е направена пред 125 години од војводата Анастас Лозанчев, кој на овој празник шетајќи се низ Македонија се нашол во нашето село и со својот фотографски апарат го овековечил настанот. На фотографијата е и Илинка Гојдароска-Божиноска, која била комитка во четата на Јордан Пиперката, но ретко кој знаел дека се работи за женско, бидејќи во четата таа била позната како Илија. Исто така на оваа фотографија се наоѓа уште една жена-комита со име Стојмирка, која како и Илинка меѓу комитите била позната со машко име – додава Раде.
Автентичен исказ од прославата на Ѓурѓовден низ годините, дава и 91-годишниот жител на ова село, Венче Трпески.

– На овој ден селаните од Козица од рано наутро се упатувале во планината на околу 4 километри од селото. Во месноста Краста, козичани подготвувале богата храна, а во текот на подготовката на оброците, се пееле и ѓурѓовденски песни. По враќањето од планината селаните со цвеќињата што ги набрале и задолжителниот кукурек, ги закитувале куќите и потоа се собирале под најголемиот костен во селото за да се занишаат за здравје. На девојките им пееле песни за момчињата, а на момчињата за девојките, кон кои негувале симпатија кон нив. Сите жители на селото и нивните гости во попладневните часови се занишувале, а во сите семејства спроти празникот се вапсувале и црвени јајца, кои домаќинките им ги давале на децата за здравје и среќа и со нив во џебот се качувале на нишалката. По завршувањето на овој чин, селаните се упатувале на сретсело, каде што свиреле гајди, зурли и тапани, и младо и старо се фаќало на оро и се прославувал Ѓурѓовден. И така од година на година, од деценија на деценија сѐ до ден-денешен – додава Венче Трпески, кој и покрај поодминатите години, сѐ уште е со добра меморија и детално се сеќава на секој настан од тоа време.